Фото: Игор Бансколиев

Архитектура која е дел од поголем комплекс на градби од доцниот османлиски период, фрагменти од керамички садови, делови од глеѓосани зргафито чинии, луксузни лулиња, монети и други предмети биле откриени при археолошките истражувања на локалитетот Самуиловата тврдина во Охрид.

Директорката на Завод и музеј Охрид, Катерина Велкоска информира дека од последните истражувања на Самуиловата тврдина добиле сознанија за хронолошката комплексност на локалитетот, а показателите од движен и недвижен карактер укажале на развојот на културните хоризонти и неговите етапи.

– Истражени беа околу 150 метри квадратни, при што беше откриена архитектура која е дел од поголем комплекс на градби, кои припаѓале на доцниот османлиски период, како и фрагменти од керамички садови, делови од глеѓосани зргафито чинии, луксузни лулиња, монети и други предмети, кои го бележат секојдневниот живот на населението кое живеело на овие простори во периодот од доцната антика, па се до доцниот османлискиот период – изјави Велкоска.

Според неа, првпат било извршено и фотограметриско снимање на северната и јужната половина од Цитаделата.

Покрај археолошките истражувања, вработени од Завод и музеј работеле и на хортикултурното уредување на локалитетот Самуилова тврдина, а со помош на планинарска служба ги исчистиле и отворите во кулите од пластика и друг отпад наталожен од несовесни посетители.

Проектот е реализиран под раководство на археологот Анатоли Арнаудовски.