Јусуф Шах, момче кое живее во Лидс, Велика Британија, на тестот за интелигенција на Менса забележа подобар резултат од Алберт Ајнштајн и од Стивен Хокинг.
– Сите на училиште мислат дека сум многу паметен и отсекогаш сум сакал да знам дали сум во првите два отсто меѓу луѓето кои го полагаат тестот Менса – изјави момчето за „Јоркшир ивнинг пост“.
Единаесетгодишниот Шах на тестот освоил 162 поени, колку што изнесува неговиот коефициент на интелигенција. Алберт Ајнштајн и Стивен Хокинг, за споредба, имале коефициент на интелигенција од околу 160. Шестоодделенецот сака да учи математика на Оксфорд или Кембриџ.
Неговиот татко вели дека тој едноставно има природно чувство за математика.
– Дури и неговите учителки секогаш кога ќе ги добиеме извештаите од училиштето велат, нема што да го учиме, тој веќе знае сè – нагласува таткото на малиот генијалец.