Светските медиуми објавија дека рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров бил пренесен во болница по слетувањето на Бали, каде што требаше да присуствува на самитот на Г20, за портпаролката на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова, на социјалните мрежи набргу потоа да ја демантира ваквата информација. И Министерството за надворешни работи на Русија демантираше дека шефот на руската дипломатија е хоспитализиран.
Неколку светски агенции, повикувајќи се на неименувани дипломатски извори, претходно објавија дека на Лавров му била укажана лекарска помош поради проблем со срцето. Тројца индонезиски владини и медицински претставници изјавиле дека рускиот дипломат е хоспитализиран, но одбиле да бидат идентификувани бидејќи не се овластени јавно да зборуваат за тоа прашање.
Захарова напиша дека седи со Лавров и оти не верува во тоа што го чита во медиумите.
– Сергеј Викторович и јас ги читаме вестите во Индонезија и не можеме да им веруваме на нашите очи: излегува дека е хоспитализиран. Ова е, се разбира, лага – напиша Захарова на нејзиниот канал на Телеграм.