Струковиот синдикат на контролори за летање (ССКЛ) испратил барања за следење на селекцијата до управниот одбор на М-НАВ и пред прифаќање на предлогот за вработување и обука на кандидати за контролори на летање селектирани од данската фирма „Гејт авијешн тренинг“ и комисијата за избор.
Во нив се бара од УО да го известува ССКЛ за секоја намера за објавување оглас за вработување, при што треба да биде наведено за која позиција и за колку лица станува збор, како и кога и во медиуми ќе биде објавен огласот. Згора, ССКЛ барал рокот за пријавување на кандидатите за отворените огласи да не е пократок од 15 дена, како и да биде вклучен со двајца претставници во следење на секоја селекција на кандидатите.
Управниот одбор на М-НАВ потоа информираше дека го прифатил предлогот за вработување и обука на кадидати за контролори на летање селектирани од данската фирма „Гејт авијешн тренинг“ и комисијата за избор.
Деновиве, ССКЛ и Здружението на контролори за летање (ЗКЛ), кои го надгледуваа тестирањето на кандидатите, реагираа дека иако завршила селекцијата за нови контролори и ја поминале дванаесет од 250 пријавени, нивната обука уште не е почната. Оттаму изразија сомнеж дека дел од менаџментот се обидува да го поништи процесот за прием и обука зашто не се влезени кандидати со врски или блиски на високи политички функционери. Поддршка добија од колегите на одговорни позиции во компанијата.
По информацијата дека е прифатена селекцијата на данската компанија претседателот на ССКЛ, Александар Тасевски, кусо изјави: „Пред слогата, професионализмот, квалитетот и исправноста, дури и директорите молчат“.
Премиерот Димитар Ковачевски вчера истакна дека уште во текот на минатата недела ги повикал тројцата директори од М-НАВ да реферираат на седница на Влада, напоменувајќи дека следните чекори ќе зависат од тоа што ќе го кажат директорите. Тој нагласи дека УО на М-НАВ постапил добро со тоа што го завршил конкурсот за контролори на летање онака како што бил започнат и како што бил евалуиран од страна на данските консултанти.