Врз основа на досега преброените гласови на изборите за американскиот Конгрес, републиканците имаат мала предност пред демократите во трката за Сенатот со освоени 49 спрема 48 места, додека предноста на републиканците во трката за контрола на Претставничкиот дом е малку повисока – освоени 209 места наспроти 191.
За трката за контрола на Сенатот ќе одлучуваат резултатите од изборите во три сојузни држави – Џорџија, Невада и Аризона, јави „Си-ен-ен„.
Актуелниот сенатор од државата Џорџија Рафаел Ворнок, демократ, и републиканскиот кандидат Хершел Вокер ќе се соочат во вториот круг од Сенатот на 6 декември, откако ниту еден не го доби потребното законско мнозинство во првиот круг.
Дали Џорџија ќе биде клучна за демократската контрола на Сенатот по вторпат по ред, ќе зависи од исходот на изборите во другите сојузни држави, особено во Аризона и Невада, каде републиканците се обидуваат да ги исфрлат своите демократски противници од трката, јавија американските медиуми.
Во меѓувреме, беше објавено дека републиканскиот сенатор Рон Џонсон го победи демократот Мандела Барнс и задржа уште едно место во Сенатот во рацете на републиканците, а исто така го спречи Барнс да влезе во историјата како прв црн сенатор од државата Висконсин.
Според постојното свикување на Претставничкиот дом, демократите имаат слабо мнозинство (222 спрема 213) и речиси е сигурно дека ќе го загубат по овие избори, наведува Би-Би-Си. Изборните комисии ширум САД сè уште ги проверуваат гласовите и, исто како што се случи на последните избори во 2020 година, конечните резултати може да потраат со денови или недели.