Фото: Твитер/Џо Бајден

Американскиот претседател Џо Бајден, коментирајќи ги среднорочните избори на кои неговата Демократска партија помина подобро од очекуваното, рече дека изборниот ден во вторникот бил добар за демократијата, но оти резултатите покажуваат дека Американците сè уште се фрустрирани.

– Тоа беше добар ден за демократијата, изјави Бајден пред новинарите во Белата куќа.

Републиканците остварија големи добивки на изборите и веројатно ќе ја преземат контролата врз Претставничкиот дом, но контролата врз Сенатот зависи од трите трки кои до синоќа сè уште беа неизвесни.

Бајден рече дека е подготвен да соработува со републиканците.

– Американскиот народ јасно стави до знаење дека очекува и републиканците да бидат подготвени да соработуваат со мене – додаде тој.

Бајден истакна дека ќе стави вето на напорите да се воведе федерална забрана за абортус и ќе се спротивстави на даночните олеснувања за богатите, две политики што републиканците може да се обидат да ги спроведат.

Американскиот претседател рече дека ќе ги покани демократските и републиканските лидери во Белата куќа за да разговараат за идните приоритети откако ќе се врати од своето патување во Азија.


Бајден има намера повторно да се кандидира за претседател на САД

Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека има намера повторно да се кандидира за функцијата и дека конечната одлука за тоа ќе ја донесе на почетокот на следната година, откако објави дека резултатите од штотуку одржаните среднорочни избори се добри за демократијата.

Бајден овој месец ќе наполни 80 години, а неговиот советник кажа дека се во тек подготвителните разговори за кампањата во 2024 година.

-Нашата намера е повторно да се кандидирам – изјави Бајден пред новинарите во Белата куќа, додавајќи дека тоа го сака и неговото семејство, но дека не се брза да донесе конечна одлука.