Фото: Игор Бансколиев

Неагу може да стане првата ракометарка со 300 гола на ЕП, бројка што никогаш не била постигната ниту на ЕП за жени ниту на машкиот турнир. Норвешка, Данска и Унгарија ја поминале границата од 50 победи, а Германија и Франција сега имаат по 46. Норвешка е на седум гола до границата што ниту една селекција не ја поминала (3.000 погодока на ЕП), а значајни голгетерски и победнички граници можат да достигнат и други ракометарки и репрезентации

ЕХФ ВО ПРЕСРЕТ НА ЕВРОПСКОТО ПРВЕНСТВО ВО МАКЕДОНИЈА, ЦРНА ГОДА И ВО СЛОВЕНИЈА

На претстојното Европско првенство (ЕП) за ракометарки, кое од 4 ноември ќе се игра во Македонија, Црна Гора и во Словенија, можни се неколку рекордни постигнувања, а Европската ракометна федерација (ЕХФ) на својата интернет-страница издвои неколку од нив.
– Многу голови беа постигнати на минатите неколку ЕП и еден рекорд со надминување одредена граница што може да биде постигната е за најдобриот стрелец на сите времиња. Романскиот лев бек Кристина Неагу има 36 гола помалку од 300 гола, бројка што никогаш не била постигната ниту на ЕП за жени ниту на машкиот турнир, каде што исландското лево крило Гудјон Валур Сигурдсон постигна 288 гола, пишува ЕХФ. Неагу е и најдобар стрелец на сите времиња на ЕП со 264 гола. Само уште Унгарката Агнес Фаркаш (205 гола), Швеѓанката Изабел Гулден (203) и Шпанката Кармен Мартин (200) постигнале барем 200 погодока. Тоа би можело да се промени на ЕП 2022 (Јованка Радичевиќ од Црна Гора постигна 171 гол, а Нора Морк од Норвешка има 169).
– Швајцарија ќе биде 26-та репрезентација што ќе се натпреваруваа на ЕП. Од 25-те репрезентации што веќе играле на ЕП, само Португалија настапила еднаш, губејќи ги сите три меча, а Исланд и Литванија не ја поминаа прелиминарната рунда во двете изданија во кои играа. И Словачка настапи двапати, во 1994 и во 2014 година, кога играше во главната рунда.

– Како освојувач на осум европски титули и со 12 медали од 14 ЕП, тешко е да се замисли некој друг, освен Норвешка да држи рекорд за најголем број постигнати голови и за најмногу победи на ЕП. Норвешка има најголем број победи, 87, а Норвешка може да се пофали со победничка ефикасност од 82 отсто, откако загуби 13 меча. Дури и ако го освои ЕП 2022 со сите победи, сепак, ќе ѝ требаат уште пет за да ја помине границата од 100 победи во натпреварувањето, пишува ЕХФ.
– Само Норвешка, Данска и Унгарија ја поминале границата од 50 победи на ЕП, а две селекции имаат цел да стигнат до тој ексклузивен клуб на ЕП 2022. Германија и Франција сега имаат по 46 победи.
– Ниту една репрезентација на женското ЕП не постигнала повеќе голови од Норвешка, 2.993, што е 462 повеќе од вториот најдобар напад, тој на Данска. Просекот на Норвешка на постигнати голови на турнирот е неверојатен, 28,2 гола по меч. Со поминување на границата од 3.000 гола ќе стане првата селекција што ќе го направи тоа. Франција ги брка 146-те гола потребни за поминување на границата од 2.000 гола, бројка што ја достигнале само Норвешка, Данска, Русија, Унгарија, Германија и Романија. На Црна Гора ѝ требаат 55 гола за да ја достигне границата од 1.000 гола, со што би станала 14-та репрезентација што постигнала 1.000 гола на ЕП за ракометарки…