За време на серијата, Кесел играше за Торонто, Питсбург, Аризона и за Лас Вегас, за кој потпиша во август. Во фудбалот, голманот Фридел го држи рекордот во Премиер-лигата, со 310 настапи по ред од 2004 до 2012 година

ХОКЕЈ НА МРАЗ – НХЛ

Напаѓачот на тимот од Лас Вегас, Американецот Фил Кесел, го собори рекордот на Националната хокеарска лига (НХЛ), играјќи го својот 990-ти последователен натпревар, пишува „Би-би-си“.
Тој ја надмина границата поставена од одбраниот играч на Филаделфија, Кит Јандл, поставена во минатата сезона. Кесел ја почна својата серија пред 13 години, со својот прв натпревар со Торонто.
Тој, исто така, го постигна својот 400-ти гол во кариерата кога Лас Вегас го победи Сан Хозе, со 4-2, во вторникот.
– Играв многу натпревари, а секогаш сакате да победувате. Има натпревари што ќе ги пропуштите во текот на вашата кариера, но јас имав среќа досега – изјави Кесел за ЕСПН по победата во понеделникот, кога го израмни рекордот на Јандл.
Откако се пензионира по минатата сезона, 36-годишниот Јандл стана рекордер во НХЛ кога стигна до својот 965-ти натпревар по ред во јануари, надминувајќи го рекордот на Даг Џарвис.
– Да се игра дури и на еден натпревар во НХЛ е извонредно достигнување, но да се игра на секој натпревар 13 години е потребен неверојатен талент за да се остане во составот секој ден, огромна решителност и многу среќа – рече Јандл.
За време на серијата од 990 натпревари по ред, Кесел играше за Торонто, Питсбург, Аризона и за Лас Вегас, за кој потпиша во август.
Во фудбалот, американскиот голман Бред Фридел го држи рекордот во англиската Премиер-лига, со 310 настапи по ред помеѓу 2004 и 2012 година, пишува „Би-би-си“.