Фото: Магдебург (официјална страна)

Во финалниот меч, бундеслигашот славеше над шпанскиот гигант, актуелен двоен европски првак, по продолжението со 41-39. Магдебург и лани ја изненади Барселона, најтрофејната на Суперглоуб, со пет трофеја (славеше со 33-28), и сега има две светски титули, како и Сиудад Реал и Фуксе Берлин

РАКОМЕТ – СУПЕРГЛОУБ

Исландскиот десен бек Омар Инги Магнусен со 12 гола го предводеше германскиот шампион Магдебург до одбрана на трофејот на 16. Суперглоуб-турнир, неофицијалното светско клупско првенство во ракомет, што годинава се одржа во Саудиска Арабија. Германците во финалето, во мошне неизвесен и драматичен меч, ја совладаа најтрофејната екипа во ова натпреварување, шпанска Барселона (пет титули), со 41-39, но дури по 70 минути игра, откако во регуларниот дел беше 35-35, а на полувремето Магдебург водеше со 21-17.
Магдебург и минатата година го изненади шпанскиот гигант (славеше со 33-28) и покажа дека знае како да се справи во ова клупско натпреварување со двократниот европски првак во низа. Со овој успех Магдебург им се придружи шпански Сиудад Реал и на германски Фуксе Берлин, кои двапати го кренале славеничкиот пехар на Суперглоуб.
Одлично одиграа и Гисли Кристијансон, Данел Петерсон и Лукас Мартенс, кои реализираа по шест гола. Кај Барселона, пак, десното крило Алеикс Гомез Абељо беше најпрецизен со 10 погодоци, а францускиот пикер Лудовик Фабрегас постигна седум.
Во мечот за третото место, полски Киелце го совлада египетскиот претставник Ал Ахли со 36-25. Магдебург за освоеното прво место доби парична награда од 400.000 долари, Барселона 200.000, а Киелце 150.000. Левиот бек на Ал Калеј (Саудиска Арабија), Хасан Кадах, беше најефикасен на турнирот со 45 гола.
На 16-то издание на Суперглоуб, во организација на Светската ракометна федерација (ИХФ), учествуваа рекордни 12 екипи од пет континенти. Г.И.