Независно кои партии се на власт, а кои во опозиција, пристапот во третирањето на ревизорските извештаи секогаш треба да биде објективен, транспарентен и со високо ниво на стручност во читањето, разбирањето и одлучувањето од страна на пратениците, порача денеска претседателот на Собранието Талат Џафери.
Пред потпишувањето на Меморандумот за соработка меѓу Државниот завод за ревизија (ДЗР) и Собранието на Република Северна Македонија на завршниот настан од твининг проектот „Подобрување на надворешната ревизија и парламентарниот надзор“, Џафери напомена дека при разгледувањето на ревизорските извештаи треба да постои високо ниво на единственост меѓу различните политички опции, да биде објективно и ирелевантно кој е носител на извршната власт или на која политичка партија припаѓа некој избран функционер.
-Воспоставувањето професионално одржливи и ефикасни односи со ДЗР за уште подобар надзор на трошењето на јавните средства и поголема отчетност на институциите кои се финансираат од државниот буџет, е целта на Меморандумот. Унапредувањето на нашата соработка ќе придонесе за подобро уравување со државните пари, но и ќе обезбеди транспарентнсот во нивното трошење. Надзорот ќе биде потранспарентен ако постои изградена пракса и механизам на доставување на конечните извештаи, нивно групирање по теми, запознавање на пратениците со нив и разглдување на конечните ревизорски извештаи во Собранието – рече Џафери.
Главниот ревизор во Државниот завод за ревизија (ДЗР) на Република Северна Македонија Максим Ацевски рече дека Меморандумот предвидува доставување податоци во делот на конечните ревизорски извештаи, како и поддршка на работењето на стручните собраниски служби во делот на доставените конечни ревизорски извештаи.
-Со Меморандумот е утврдена и обврската на ДЗР да подготови водич за улогата на ДЗР и Собранието во делот на подобрување на начинот на управување со јавните средства во земјава – истакна Ацевски.
Шефот на делегацијата на ЕУ во земјава Дејвид Гир, во обраќањето на настанот пред потпишувањето на Меморандумот, порача дека подобрувањето на работата на ДЗР ќе значи поголема отчетност и ефикасност во секој сегмент на државната администрација што, пак, ќе има, како што напомена, позитивен резултат во секојдневниот живот на граѓаните.
-Реформата во управувањето со јавните финансии и јакнењето на функциите на надворешната ревизија се клучни елементи во подготовката на земјата за пристапување кон ЕУ. Сега, со процесот на проверка, времето е созреано да се размислува како да се придвижиме напред со оваа реформа. Ова се однесува на секоја област. ве молиме искористете ја можноста што ви е дадена за да се придвижите понатаму со реформите. Стандардите и принципите се поставени, процесот на проверка и преговори се огромна можност за да се оди напред, во интерес на сите – потенцира Гир.
Осврнувајќи се на проектот, тој напомена дека целта не е само да се подобри законската рамка и институционалниот капацитет на ДЗР, туку и да се подобри парламентарниот надзор врз јавните средства и соработката меѓу двете институции – ДЗР и Собранието.
-ЕУ го поздравува потпишувањето на Меморандумот за разбирање меѓу ДЗР и Собранието. Очекуваме да резултира со подобро следење на препораките во ревизорските извештаи и подобра отчетност на субјектите на ревизија. Се надеваме и дека новиот закон за државна ревизија, изработен со поддршка на овој проект, ќе биде наскоро усвоен и дека ќе помогне да се зголеми независноста на ДЗР, како и да се подобри соработката со Парламентот, истакна Гир, додавајќи дека и натаму остануваат предизвиците како уставното препознавање на ДЗР како независно тело, јакенње на неговиот капацитет и подобрена отчетност на субјектите на ревизија во следењето на препораките.
Твининг проектот ИПА 2018 финансиран од ЕУ „Подобрување на надворешната ревизија и парламентарниот надзор“ се спроведуваше во соработка со Државниот завод за ревизија на Република Хрватска и Националниот завод за ревизија на Република Бугарија. Претседателот на Националниот завод за ревизија на Република Бугарија, Цветан Цветков оцени дека е постигнат одржлив развој и напредок. Тој се осврна на четирите компоненти од проектот: независност, институционален капацитет, добро владеење и транспарентност. Според заменик-главниот ревизор на Државниот завод за ревизија на Република Хрватска, Недиљка Рогошиќ, пак, планираните проектни активности навремено и квалитетно завршиле, а очекуваните резултати во голема мера се постигнати.
Буџетот на проектот, што почна на 1 февруари 2021 година, а завршува на 31 октомври 2022 година, изнесува 1,5 милиони евра. Во текот на проектните активности, како што беше речено на завршниот настан, се реализирале различни обуки/работилници за повеќе од 90 учесници/ревизори на ДЗР. Во заедничка работа со колегите од земјите – членки, ревизорите на ДЗР извршиле 15 пилот-ревизии во седум ревизорски области, 47 ревизори од ДЗР учествувале во стажирања во земјите-членки на ЕУ, а биле организирани и седум успешни студиски посети на партнерските институции на ЕУ. Севкупно, биле спроведени 43 активности низ 145 мисии извршени со учество на повеќе од 40 краткорочни експерти од Хрватска, Бугарија, Естонија и Шпанија.