Универзитетската Клиника за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ во Скопје денеска одбележува 60 години од своето функционирање.
Во просторните капацитети на клиниката од 7.500 квадратни метри и капацитет за 100 лежечки болни, годишно се извршуваат повеќе од 200.000 амбулантско поликлинички услуги, прегледи, интервенции и дијагностички процедури. Се хоспитализираат околу 6.000 пациенти и се извршуваат повеке од 3.800 оперативни зафати.
Клиниката има 322 вработени, од кои 93 лекари, 145 медицински сестри и техничари, 17 радиолошки технолози, 9 лаборанти и 52 немедицински работници.
-Клиниката, која е истовремено и наставна база на Медицинскиот факултет при УКИМ, е можеби најкомпактната хируршка установа во земјава. Компактна како по однос на просторниот распоред и поврзаноста на одделенијата, така и компактност по однос на соработката на сите вработени во неа, одлика со која се гордееме. Искуствотото, традицијата во лекувањето, знаењето и несебичниот трансфер на наученото од постарите на помладите колеги, а секако и обратно, се карактеристики на оваа установа – вели д-р Љубен Арсенков, медицински директор, субспецијалист по абдоменална хирургија.