Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика-РКЕ, Марко Бислимовски изјави дека нема потреба од гужви во пунктовите за потпишување на нови договори за парно откако ЕСМ ја презема дејноста од Балкан Енерџи Груп- БЕГ.
– Нема опасност некој да биде исклучен. Тие што немаат потпишано договори, ќе им пристигнат во поштенски сандачиња заедно со сметките за парно. Тоа е вообичаена работа да се потпишат нови договори. ЕСМ има таква обврска, сепак граѓаните треба да знаат дека нема да бидат исклучени – кажа Бислимовски за телевизијата „Сител“.
Тој посочи и дека има проблеми со внатрешната инсталација во некои топлотни пумпи, но дека парно во Скопје мора да има, како и дека на граѓаните мора да им се обезбеди греење под пропишаните услови.
– Имаме вообичеан почеток на грејната сеозна. Таа е во рамки на нешто што било очекувано во изминатио период, а како ќе продолжи – немаме друга опција, мора да продолжи успешно. Да, проблеми има и тие не треба да се кријат. Проблеми има во вантрешната инсталација, во потстаниците. Секогаш грејната сеозна почнувала со голем број поплаки од граѓаните, пред сѐ на ситуацијата со потстаниците. Но, парно во Скопје мора да има, мора да им се обезбеди греење на граѓаните под услови кои се пропишани, а тоа е 21 степен целзиусов – истакна Бислимовски.