CREDIT: AFP

ФУДБАЛ

Топката со која Диего Марадона постигна два од најпознатите голови во историјата на фудбалот ќе излезе на аукција, пишува „Би-би-си“. Топката од мечот во познатото четврт-финале на Светското првенство во 1986 година помеѓу Англија и Аргентина носи проценета цена од 2,5 до три милиони фунти, а ја продава Али Бин Насер од Тунис, судија на тој меч, пишува „Би-би-си“.

Таа топка е најновото парче спортски сувенири што се очекува да достигне висока цена. Топката беше искористена во цели 90 минути од натпреварот. Марадона постигна еден гол удирајќи ја топката со рака покрај англискиот голман Питер Шилтон. Марадона подоцна голот го опиша како „малку со главата на Марадона и малку со божјата рака“, пишува „Би-би-си“. Вториот гол на Марадона на тој натпревар стана познат како „гол на векот“, кога од центарот помина покрај пет играчи на Англија и го совлада Шилтон. Аргентина го доби натпреварот со 2-1 и подоцна ја освои светската титула на Мундијалот во Мексико. Топката треба да се продава на аукција на 16 ноември, како дел од специјален настан пред Светското првенство. Ќе се пренесува во живо и потенцијалните купувачи ќе можат да ги регистрираат своите понуди онлајн од 28 октомври, пишува „Би-би-си“.
– Моментот на играње на натпреварот, историјата помеѓу двата тима и играњето со рака доведоа до тоа овој натпревар да влезе како еден од најпознатите и најемотивни натпревари во историјата на фудбалот. Со историјата околу топката, очекуваме таа да биде многу популарна кога ќе се појави на аукција – рече Греам Бад, претседател на „Греам Бад аукции“.

Неколку предмети од спортски сувенири соборија рекорди на аукции неодамна. Дресот што Марадона го носеше за време на тоа четврт-финале во 1986 година беше продаден во мај годинава за 9,3 милиони долари (7,4 милиони фунти), што беше нов светски рекорд, кој беше соборен во август, кога бејзбол-картичката на Мики Ментл беше продадена за 12,6 милиони долари (10,3 милиони фунти). Во септември, дресот од финалето на НБА на Мајкл Џордан во 1998 година беше продаден за 10,1 долари (8,7 милиони фунти), што е нов светски рекорд за спортски сувенир што е носен на натпревар.