Она што со години се таложеше, сега со сета своја еруптивна силина излезе на виделина и ја покажа поразителната стварност: Македонија има дефицит на независни, непартиски и професионални институции, кои се одлика на една демократска држава. Сега, преку вербалниот дуел на релацијата Русковска – Муареми, стана јавно и јасно, транспарентно, дека постојат (само) партиски испостави што се користат за бизниси, тендери и други бенефиции во полза на партиите, а најмалку на граѓаните, од чиј џеб се финансира работењето на овие институции!?
Зошто конфликтот на двајцата носители на високи функции на различна власт (извршна и судска) има длабока иронија?
Она што македонските граѓани неколку години јасно го кажуваат во анкетите, дека немаат никаква доверба во институциите, оценувајќи ги како целосно партизирани и наполнети со нестручни кадри, се чини дека деновиве и дефинитивно се потврди и излезе на виделина.
По повикот на главната обвинителка од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција Вилма Русковска до амбасадите на САД и ЕУ во земјава да интервенираат и да спречат притисоци врз оваа институција, стана повеќе од јасно дека во земјава повеќе нема институции на кои може да им се верува, туку тие се целосно киднапирани од страна на партиите и се користат исклучиво за вработување партиски кадар и за меѓупартиско пазарење.
Она што со години се таложеше, сега конечно излезе на виделина и ја покажа поразителната стварност, дека Македонија повеќе нема никакви независни институции што се одлика на една демократска држава, туку дека постојат (само) партиски испостави што се користат за бизниси, тендери и други бенефиции во полза на помала група граѓани (припадници на партии), а најмалку на граѓаните, од чиј џеб се финансира работењето на овие институции.
Извесно е дека сагата на релацијата Русковска – Муареми ќе потрае уште извесно време, додека коалициските партнери од власта не ги средат разликите, по што старата практика на институционална нефункционалност ќе продолжи и натаму, бидејќи во овој момент не постои реална желба, ниту, пак, постои капацитет за некакви институционални реформи базирани врз стручност, компетентност и професионалност.
Институции со вградена фабричка грешка
Универзитетскиот професор Живко Андревски смета дека во функционирањето на нашите институции овие 30 години е вметнато нешто што им овозможува да функционираат на начин што е спротивен на правната држава и владеењето на правото.
– Ова е уште една потврда дека тоа големо историско достигнување институциите да функционираат и да работат, а личностите во институциите само да внесуваат идеи, свежина и креативност, не е остварливо кај нас. Неоспорно е дека институциите формалноправно се поставени уставно и законски или се формирани со други облици на одлуки, но факт е дека не ги остваруваат своите функции поради кои постојат. Во функционирањето на овие наши институции се вметнува нешто што не ја потврдува институционалната работа, не ја потврдува правната држава, ниту, пак, го потврдува владеењето на правото, туку впечатокот е дека тие премногу се во функција на некакви дневни односи, дури не во смисла на политика, туку во изместување на политичкиот процес. На крајот, произлегува дека е нормално некој да нема доверба во сопствената институција што ја предводи, а уште помалку да има доверба во другите институции управувани од други луѓе, па затоа не е чудно што се бараат некакви облици на надворешно влијание, одејќи дури и до фаза на арбитража – вели Андревски.
Според него, партизацијата ги претвори институциите во алатки за политички пресметки меѓу партиите.
– Институциите станаа предмет на партиски пазарења и тоа е долгорочен проблем во земјата. Кога функцијата на институцијата во општеството не се остварува, туку се изместува за да може таа да се користи за разни видови пресметки, политички, политикантски, меѓупартиски, меѓуетнички и слично, тогаш повеќе немаме институција – заклучува Андревски.
Адвокатот Звонко Давидовиќ категорично тврди дека во оваа држава одамна се амортизираа функционалните институции и затоа ова што ни се случува сега не треба никого да изненадува.
– Веќе 30 години зборувам и предупредувам дека во Македонија нема функционални институции. Ова што сега се случува на релацијата Русковска – Муареми само го потврдува тоа. Да се тврди дека некој прави притисок, а има индиции дека има криминал, тогаш ти како обвинител си должен тоа соодветно да го процесираш. Од друга страна, другиот да се буни зашто му е направен претрес, иако знае дека секоја институција има обврска да биде проверена во случај на сомневање, и тоа е несфатливо. Ако си чист, зошто би имало некаков проблем? Па, и самиот Муареми има направено толку претреси, добро знае како оди таа работа. Поентата ми е дека овие институции, како впрочем и сите други, повеќе не уживаат никаква доверба во македонското општество. Тоа е основниот проблем – вели Давидовиќ.
Осврнувајќи се на генезата на институционалната недоверба, и тој проблемот го лоцира во исклучително високата партизираност на државните институции и немањето никакви контролни механизми.
– Сите контролни механизми што требаше да постојат се целосно исполитизирани и се наоѓаат во раце на луѓе што не се стручни. Луѓе што вредат и тежат не се на вистинските места, туку се маргинализирани и оваа состојба е 30 години. Политиката се наметна целосно, херои на младината, наместо пејачи, актери, уметници, писатели и слично, се партиски лидери, што е незамисливо и никаде во светот не се случува – резигнирано додава Давидовиќ.
Јавниот конфликт меѓу две важни институции е исклучително опасен
за македонското општество
Неговиот колега Владимир Туфегџиќ смета дека јавниот конфликт меѓу две важни институции е исклучително опасен за македонското општество и дека во минатото таквите институционални пресметки се спречувале преку разни механизми, кои сега ги нема.
– Ваков јавен конфликт помеѓу две клучни институции за борба против корупцијата е пред сè општествено опасен. Во мојата речиси 30-годишна адвокатско-судиска кариера паметам неколку тивки и скриени од јавноста конфликти на важни функционери, кои завршувале со тивки „повлекувања“ од функцијата, што од лични, што од здравствени причини. Во тогашниот „гнил“ општествен систем постоеле механизам и авторитет да го артикулираат конфликтот и да не дозволат да излезе надвор од контрола, со што ќе предизвика штета за државата – нагласува Туфегџиќ.