Кина не сака да замени ниту една друга земја и државата се издвојува со тоа што се потпира на иновативноста на нејзиниот развоен модел и систем на управување, пренесува Џао Руинан за „Чајна дејли“
Позитивната улога на Пекинг во светските превирања
Кина одигра позитивна улога во избегнувањето на продлабочувањето на глобалната поларизација и новата студена војна во заднината на руско-украинскиот конфликт и стратегијата за Индо-Пацификот предложена од САД, како што неодамна истакнаа експертите. Тие ги дадоа забелешките за време на Меѓународната конференција за трендови во меѓународниот пејзаж и улогата на Кина по конфликтот меѓу Русија и Украина. Состанокот го одржа Националната врвна експертска група на Кинеската академија за општествени науки.
Ши Јинхонг, професор по меѓународни односи на кинескиот универзитет „Ренмин“, предупреди дека руско-украинската криза ќе ја продлабочи глобалната конфронтација и поларизација и во иднина, бидејќи нема знаци за крај на конфликтот. Конфликтот, кој влезе во својот петти месец, предизвика превирања на финансиските пазари и драстично ја зголеми неизвесноста за глобалното економско закрепнување.
Покрај конфликтот, новата американска стратегија за Индо-Пацификот и проширувањето на НАТО кон исток исто така го прават светот понестабилен, бидејќи тие можат да донесат не само воени конфликти во одреден регион, туку и да се прошират во економската и безбедносната сфера, смета Ли Сијанг, декан на Националниот институт за меѓународна стратегија при Кинеската академија за општествени науки. Според него, Кина го усвоила принципот на мирен развој и одигра важна улога во промовирањето на економската соработка во азиско-пацифичкиот регион. Ли додаде дека Кина не сака да замени ниту една друга земја и државата се издвојува со тоа што се потпира на иновативноста на нејзиниот развоен модел и систем на управување.
Вероника Сарасвати, виша истражувачка на Истражувачката единица за кинески студии во Центарот за стратегиски и меѓународни студии во Индонезија, ја пофали конзистентната надворешна политика на Кина која ги истакнува мирот и развојот. Сарасвати истакна дека придонесите на Кина изразуваат желба за решавање на кризата во светот и се засноваат на концептот дека светот има заедничка иднина, притоа додавајќи дека „Пекинг ја охрабрува соработката и солидарноста, наместо доминацијата“ во заднината на пандемијата и конфликтот.
Во однос на справувањето со мрачната состојба во глобалната економија, Кикучи Јона, главен истражувач на Јапонскиот форум за меѓународни односи, повика на поголема соработка меѓу Јапонија и Кина.
– Верувам дека Јапонија и Кина треба да ја искористат оваа можност за да ги подобрат односите. Двете соседни држави ќе треба да вложат напори за да се избегне меѓусебната недоверба, истовремено зајакнувајќи ја рамката за билатерални и мултилатерални дијалози – истакна тој.