Семејството на основачот на Викиликс, Џулијан Асанж бара да интервенира австралиската Влада пред тој да биде екстрадиран во САД.
– Без интервенција на Вадата, практично тој (Асанж) ќе добие смртна казна – истакна семејството на Асанж.
Таткото на Асанж, Џон Шиптон и братот Габриел Шиптон вчера присуствуваа на седница на австралискиот Парламент на која ја изразија својата загриженост бидејќи е постигнат мал напредок во случајот. Тие побараа од премиерот Ентони Албанес прашањето за екстрадицијата на Асанж во САД да биде прашање за кое не може да се преговара.
Семејството тврди дека и покрај нивните барања не оствариле средба со Албанес, ниту со австралиската министерка за надворешни работи Пени Вонг или државниот обвинител Марк Драјфус.
Асанж во моментот се наоѓа во затворот Белмарш во Велика Британија и треба да биде екстрадиран во САД. Адвокатите на Асанж се сретнаа со новата американска амбасадорка во Австралија, Керолин Кенеди.
Поддржувачите на Асанж се загрижени поради претстојниот владин извештај испратен до обвинителот Драјфус. Во поднесокот се наведува дека доколку Асанж се предаде и биде осуден во САД, тој би можел да поднесе барање за отслужување на казната во Австралија според меѓународниот трансфер на затвореници. Но, австралиската Влада не претпочита трансфер на затвореници.
САД дадоа гаранции дека, доколку Асанж биде екстрадиран нема да биде подложен на посебни административни мерки или затворен во објект за максимална безбедност.
Асанж е обвинет за кражба и објавување доверливи информации за американските воени операции во Ирак и во Авганистан заедно со свиркачот Челзи Менинг. Неговите поддржувачи веруваат дека тој како истражувачки новинар и ги открил на јавноста воените злосторства извршени од САД.
Асанж би можел да биде осуден на вкупно 175 години затвор.