Фото: Ка.М.

Со панихида и полагање цвеќе на рускиот крст на Германските гробишта во Прилеп, Амбасадата на Руската федерација во земјава го одбележа 1 ви август, Денот на сеќавањето, кој во Русија се празнува во спомен на паднатите руски војници во Првата светска војна.

На церемонијата присуствуваше амбасадорот Сергеј Баздникин, делегација од рускиот конзулат, од општина Прилеп, претставници од Здружението руско – македонско пријателство.

При тоа амбасадорот Баздникин ги спомена жртвите кои руската војска ги дала за ослободување на македонската територија.

– Добро е да се знае дека во текот на Првата светска војна 5 илјади руски војници и официри кои ја ослободија македонската земја во составот на Втората и Четвртата руска бригада во Армијата на Источната Антанта храбро загинаа на Солунскиот фронт, а тука се погребани 10 руски војници – рече Н.Е Баздникин.

На новинарско прашање – Како го толкувате барањето, условувањето од ЕУ за промени на македонскиот устав? амбасадор Баздникин посочи” За жал не можам да коментирам ниту едно внатрешно политичко прашање во вашата земја, ама можам да кажам само едно – никогаш притисок не донесува нешто добро, нити за Северна Македонија, нити за било која друга земја. Знаете дека Русија никогаш не се наметнува, ние сме секогаш отворени за соработка, ама никогаш не бараме нешто, ако сте отворени за соработка, тука сме – рече рускиот амбасадор,при тоа коментирајќи дека за Косово решение треба да се бара во рамките на Резолуцијата на ОН.

Спомен обележјето на пандатите руски војници во Првата светска војна во Прилеп на Германските гробишта е изградено 2014 та година и од тогаш, традиционално со пригодна церемонија амбасадата на Руската федерација во Скопје го одбележува Денот на сеќавањето.

Ка.М.