Отворањето беше спектакуларно, а македонското знаме на дефилето на претставувањето на репрезентациите го носеа дебитантките на ШО, Леа Ефтовска и Моника Жежовска. На церемонијата со приказ на музичка и танцова активност беше прикажана историјата низ вековите на индиската држава Тамил Наду. Шахистите на репрезентативниот индиски Б-тим го запалија олимпискиот оган, придружено со огромен аплауз на стадионот „Нехру“

СВЕЧЕНО ОТВОРЕНА 44. ШАХОВСКА ОЛИМПИЈАДА ВО ЧЕНАИ

На затворениот стадион „Нехру“ во индискиот град Ченаи на кој присуствуваа 20.000 луѓе, шахисти, селектори и придружен персонал, со фанфари беше отворена 44-та Шаховска олимпијада (ШО), во присуство на Нарендра Моди, премиерот на Индија, и М.К. Сталин, главниот министер на државата Тамилнаду и главен иницијатор на настанот, на кој со музички спектакл продефилираа сите држави-учеснички на ШО. Маскотата на ШО, Тамби (што во превод значи „помлад брат“), е постојано присутна низ целиот град со слоганот „Ова е нашиот Ченаи, нашиот шах“.
На церемонијата со приказ на музичка и танцова активност беше прикажана историјата низ вековите на индиската држава Тамил Наду. Поранешниот светски првак, Индиецот Вишванатан Ананд, му го предаде шаховскиот факел на премиерот Моди, кој, пак, го проследи до Прагнанда и Гукеш, кои се иднината на индискиот шах. Шахистите на репрезентативниот индиски Б-тим го запалија олимпискиот оган, придружено со огромен аплауз на стадионот „Нехру“. Од машкиот состав, иако беше најавено дека ќе настапат, сепак се откажа Пакистан (мажи и жени). Ова е досега најмасовна ШО во историјата и за првпат се одржува во Индија.

МИНОВСКИ: ВО ЧЕНАИ СИТЕ ЖИВЕАТ ЗА ОВОЈ НАСТАН

Според зборовите на директорот на македонската репрезентација, Ѓорѓи Миновски, во Ченаи владее невиден шаховски амбиент.
– Немам зборови сето тоа што се случува овде да го опишам во неколку реченици. Целиот град е излепен со шаховски банери, на телевизија постојано се зборува за ШО, едноставно како овде сите да живеат за овој спортски настан. Хотелот „Новотел“, каде што сме сместени е одличен, а персоналот во него цело време прашува дали е сѐ во ред, дали ни треба нешто, многу се љубезни. Имаат направено „зелен бран“ за шахистите за побрзо да стигнат до салата за играње, па така сега од хотелот до шаховската сала се патува за дваесетина минути со автобус, а патем се вклучени и околу 2.000 волонтери. Во секој случај полека се аклиматизираме по напорниот пат, кој траеше 30 часа со паузи, а сменивме три авиони, Скопје – Истанбул – Бомбај – Ченаи – вели Миновски.
Македонското знаме на чинот на отворањето го носеа две македонски шахистки дебитантки на шаховските олимпијади.
– Отворањето беше спектакуларно, а македонското знаме на дефилето на претставувањето на репрезентациите го носеа дебитантките на ШО, Леа Ефтовска и Моника Жежовска. Патем се видовме и се сликавме со претседателот на ФИДЕ, Аркадиј Дворкович, кој нѐ поздрави и им посака успех на македонските селекции. Како што е познато, на Конгресот на 7 август ќе се избира повторно претседател на ФИДЕ, а Дворкович е еден од кандидатите повторно да биде прв човек на Светската шаховска федерација (ФИДЕ). Светскиот првак Магнус Карлсен не беше на отворањето, па не го видовме – вели Миновски.

Дворкович, Жежовска, Ефтовска и Миновски на отворањето на ШО

СО ВЕЖБАЊЕ ЈОГА ДО ПОДОБРИ ПЛАСМАНИ

За постигнување што подобар пласман, македонските шахисти и шахисти ќе вежбаат јога.
– Атмосферата во нашата машка и женска репрезентација е одлична. Ефтовска имаше роденден, па го прославивме сите заедно со торта што ни ја подготви љубезниот персонал во хотелот, секако, бесплатно. А за што подобра подготвеност пред партиите, им обезбедив јога на шахистите и шахистките, која ќе ја изведуваат со помош на двајца Индијци. Да спомнам и тоа дека на сите претседатели на федерациите, делегати и официјални лица што се тука, им обезбедив поклон, а тоа се сапуни од козјо млеко убаво запакувани со логото на ШФМ на нив, ете, како едно мало внимание за нив, а ние, пак, да се претставиме во добро светло – ни изјави Миновски.
Вчера на програмата беше и првото коло, во кое машката селекција на Македонија за противник ја имаше селекцијата на Бермуда (рангирана 155-та), додека женската играше против репрезентацијата на Габон (рангирана 154-та). Ни со двете селекции, Македонија досега не се сретнала на почетокот на ШО. Г.И.
Македонската машка шаховска репрезентација по 14-ти, а женската по 13-ти пат играат на 44-та Шаховска олимпијада (ШО), која ќе трае до 10 август. Шахистите пред почетокот на ШО се рангирани на 61-то место (просечен рејтинг 2.389) меѓу 187 селекции, а шахистките се на 71-то (1.863) од 161 репрезентација. Се игра на четири табли, со една резерва, а новите прваци ќе бидат познати по 11 одиграни кола. На последната ШО во Батуми, Грузија 2018, мажите (рангирани 43-ти) го освоија 48-то место од 185 селекции, а жените (рангирани 58.) беа 70-ти меѓу 151 репрезентација. Најголеми фаворити за првото место во Ченаи (во отсуство на фаворизираните Кина и Русија) се САД во машка и Индија во женска конкуренција.
Г.И.