УЕФА одлучи да спроведе ограничена програма со користење на трибините за стоење во Франција, Германија и во Англија, за сите натпревари во европските клупски натпреварувања сезонава, со исклучок на финалињата. Целта на оваа програма е да се процени дали и под кои услови може повторно да се воведат трибините за стоење во мечевите на УЕФА, со целосна безбедност
ФУДБАЛ
Европската фудбалска унија (УЕФА) одобри програма со која ќе се овозможи тестирање на трибините за стоење на стадиони во Франција, Германија и во Англија, кое ќе трае до крајот на сезоната 2022/2023, пренесува агенцијата АФП.
Местата за стоење беа забранети по трагедиите што се случија пред триесетина години. УЕФА во соопштението наведува дека неодамна многу домашни фудбалски натпреварувања одлучиле да ги вратат трибините за стоење, а гледачите и клубовите изразиле голема желба за воведување на оваа мерка.
– Целта на оваа програма е да се процени дали и под кои услови трибините за стоење може повторно да се воведат во натпреварите на УЕФА со целосна безбедност – се вели, меѓу другото, во соопштението на Европската куќа на фудбалот.
Европската фудбалска унија одлучи да спроведе ограничена програма во Франција, Германија и во Англија, трите земји што веќе ги вратија трибините за стоење, а ќе бидат назначени и независни експерти, кои, пак, ќе ја анализираат употребата на трибините на првенствените и на европските дуели.
– На крајот на сезоната 2022/2023, врз основа на извештаите доставени од експерти, администрацијата на УЕФА ќе ги процени наодите од програмата и ќе ги достави резултатите до Извршниот комитет на УЕФА, кој ќе одлучи за секое можно продолжување на програмата – пишува УЕФА.
Предвидено е трибините за стоење да се користат за сите натпревари во европските клупски натпреварувања сезонава, со исклучок на финалните мечеви. Г.И.