Севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун денеска изјави дека неговата земја е подготвена да го мобилизира својот нуклеарен арсенал и да се соочи со Америка во воена конфронтација.
Во исто време, тој го критикуваше новиот јужнокорејски претседател Јун Сук-јул, предупредувајќи го Сеул дека ја доведува ситуацијата на работ на војна.
Ким ги даде забелешките за време на говорот по повод 69-годишнината од примирјето во Корејската војна, која ги остави Северот и Југот технички сè уште во војна, според севернокорејската новинска агенција „КЦНА“.
– Нашите вооружени сили детално се подготвија да одговорат на секоја криза, а нашата нуклеарна одбрана е подготвена брзо да се мобилизира со полна сила, да дејствува прецизно и навремено – рече Ким, пренесе „Ројтерс“.
Говорот на Ким дојде откако официјални лица во Сеул и Вашингтон тврдеа дека Пјонгјанг ги завршил подготовките за извршување на својата прва нуклеарна проба од 2017 година.
Јужнокорејското Министерство за обединување соопшти дека постои „можност“ за тестирања околу годишнината, иако министерот рече дека „нема моментални сигнали дека такво нешто ќе се случи“.
Ким рече дека Вашингтон и Сеул продолжуваат со „опасни, незаконски, непријателски дејствија“ против Северот и се обиде да го оправда своето однесување со „демонизирање“ на Пјонгјанг.
– Двојниот стандард на Америка, којa сите наши рутински дејствија ги нарекува „провокација“ и „закана“, додека истовремено одржува големи заеднички воени вежби со Јужна Кореја, што ја загрозува нашата безбедност – буквално е како грабеж. Тоа ги носи билатералните односи на точката од која речиси нема враќање, води до конфликт – додаде Ким.