САД освоија 33 медали, што е рекорд на СП, два повеќе од Источна Германија во 1987-та. СП 2022 ќе влезе како најуниверзалното издание во историјата на мундијалите, со 29 земји што освоиле златни медали, повеќе земји од кога било досега имаа финалисти, 81, секоја континентална област има најмалку двајца светски шампиони…

АТЛЕТИКА

Репрезентацијата на САД е најуспешна на Светското првенство (СП) во атлетика, во Јуџин, првото на кое САД беа домаќини. Тие освоија 33 медали, што е рекорд на мундијалите, два повеќе од Источна Германија на СП 1987, од кои 13 златни, девет сребрени и 11 бронзени. Тие 13 злата се за еден помалку од рекордните 14 освоени на три претходни СП, во 2005, 2007 и 2019-та.
Швеѓанецот Арманд Дуплантис (22) постави нов светски рекорд во скок со стап, 6,21 м (на СП во сала во Белград во март тој прескокна 6,20 м). Тој од лани е и олимписки првак, а ова е негов петти светски рекорд, трет годинава. Првпат по Сестриере (Италија), во 1994 година кога Сергеј Бубка прескокна 6,14 м, светски рекорд е поставен на отворено.
СП 2022 ќе влезе како најуниверзалното издание во историјата на мундијалите, пишува Светската атлетика (СА) на својата интернет-страница. Рекордот за бројот на земји што освоиле златни медали на едно СП е соборен, со 29 земји, во споредба со 26 на СП 2017. Повеќе земји од кога било досега имаа финалисти, вкупно 81. Секоја континентална област има најмалку двајца светски шампиони, а Перу, Казахстан и Нигерија ги освоија своите први златни медали, пишува СА. Кимберли Гарсија од Перу е најдобриот индивидуален спортист на СП 2022, со две злата, а ако беше внесена како посебен тим, таа ќе се пласираше на седмото место на табелата за медали, пишува СА.
Нигеријката Тоби Амусан во трката на 100 метри со пречки забележа време од 12,06 секунди, побрзо за шест стотинки од нејзиниот светски рекорд што претходно го истрча во полуфиналето. Но поради недозволената брзина на ветерот во грб (2,5 м/секунда) тој резултат нема да се смета за рекорд. Американката Алисон Феликс (33) го освои 20-от рекорден медал од СП (14 злата и по три сребра и бронзи). Атинг Му од САД на олимпиското злато му го придодаде и светското, на 800 м, дисциплина во која нема пораз од 2019 година. Му (20) е најмладата со олимписка и светска титула во индивидуална конкуренција. Помлад од неа со таков успех е само Кирани Џејмс од Гренада, на 400 м на СП 2011 и на ЛОИ 2012, на 19 години. Друга освојувачка на златен медал од Токио, Малаика Михамбо од Германија, ја одбрани светската титула во скок во далечина. Норвежанецот Јакоб Ингебригтсен, по среброто на 1.500 м, освои злато на 5.000 м. Французинот Кевин Маер го освои второто светско злато во десетобој, по тоа на СП 2017. Л.Д.


Рекорди и на патеката и покрај неа

На Светското првенство (СП) во атлетика беа постигнати три светски рекорда, 13 рекорди на мундијалите, 30 светски водечки резултати годинава, 19 континентални и 92 национални рекорди, еден светски рекорд во категорија до 20 години, најбрзите маратони досега на големите првенства, првпат три атлетичарки трчаа побрзо од девет минути на 3.000 м со пречки, Алисон Феликс го зголеми вкупниот рекорден број медали на 20…, пишува Светската атлетика (СА) на својата интернет-страница. Ова првенство веќе достигна повеќе гледачи (13,7 милиони) од кое било претходно СП во атлетика, а поттикна и значителен раст и интеракција на социјалните мрежи (400 илјади нови следбеници, повеќе од 41 милион прегледи на видеа, вкупниот број следбеници на социјалните канали е над 9,1 милиони на пет платформи), пишува СА.