Како пред референдумот така и сега, земјава повторно е во фокусот на геостратегиските интереси на големите сили, а повторно се најде и на мапата на најпосакувани дипломатски дестинации во моментов
Слично на предреферендумскиот период, кога Македонија добиваше интензивни дипломатски пораки, деновиве кога во парламентот се прават обиди да се обезбеди двотретинско мнозинство за уставните измени, кои произлегуваат од договорот од Мала Преспа, земјава повторно е во фокусот на геостратегиските интереси на големите сили. Се испраќаат соопштенија од Брисел, Вашингтон, Москва и скриени или јавни препораки како да постапат македонските политичари, а истовремено нашата земја повторно се најде и на мапата на најпосакувани дипломатски дестинации во моментов. Токму во екот на обидите за ратификувањето на договорот со Грција, во македонското собрание, односно во земјава пристигнува заменик-помошникот државен секретар за европски прашања на САД, Метју Палмер. Според соопштението од американската амбасада во Скопје, Палмер доаѓа в понеделник во земјава за да разговара за поддршката на САД за Преспанскиот договор меѓу Македонија и Грција и за важноста да се продолжи со реформската агенда на Македонија. Тој, според најавите, ќе се состане со владини и партиски функционери, првенствено со премиерот Зоран Заев и со министерот за надворешни работи, Никола Димитров. Од друга страна, паралелно на оваа најава за пристигнување на високиот американски дипломат во земјава, деновиве дојде и реакција од руското Министерство за надворешни работи. Од руското МНР наведоа дека САД и државите од ЕУ на најгруб начин се мешаат во внатрешните работи на Република Македонија, преку туркање на преименувањето на земјата во парламентот. Според Москва, во прашање е најгрубо мешање на САД и на ЕУ во внатрешните работи на Скопје.
– Во моментов се случува најгрубото мешање на САД и на ЕУ во внатрешните работи на Скопје, кое ги надминува сите разумни граници. Целта е внесување на Македонија во НАТО по секоја цена – наведува руското МНР.
Изминативе денови свои пораки до македонските политички лидери упатија и голем број претставници од Европа и од регионот. Во контекст на овие актуелни случувања, некои од домашните познавачи на состојбите коментираат дека како што Македонија ќе се приближува до НАТО и до ЕУ така реакциите, особено на Москва, ќе стануваат пожестоки. Од друга страна, тие во исто време се согласни дека пристапувањето на Македонија во НАТО и во ЕУ не смее и не треба да биде предмет за промена на уставното име на земјава, а наместо тоа, САД треба да ѝ помогне на земјава во исполнувањето на критериумите за членство што бара структурни реформи, владеење на правото и стабилни владини институции.
Дипломатите, сепак, се согласни дека влијанијата, без разлика од каде и да доаѓаат и на кои се подложни малите земји, како Македонија во случајов, не може ниту да се замислат во други европски земји
Кога станува збор за Македонија, регионот и колку малите земји како нашата се подложни на влијание од големите сили, професорот по меѓународно право, Лазар Лазаров, оценува дека американската политика и натаму останува како највлијателна овде, a влијанието на Русија не треба да се запоставува.
Тој вели дека присутноста на САД во Македонија и во регионот во изминатиот период била мала, откако Европа го презеде менаџирањето со демократијата во балканските земји, но сепак посочува дека ситуацијата се променила по последните посети на високи американски дипломати и засилената руска пропаганда во опкружувањето.
– Америка е голем поддржувач на Македонија во евроатлантските аспирации, ја поддржуваат земјава во правец на враќање кон демократските вредности, кон почитувањето на слободите и правата и исто така ја поддржуваат и од аспект на територијалниот интегритет, унитарноста итн. Целата меѓународна демократска заедница практично дојде тука да ни помогне да ги надминеме разликите и да одработиме нешто што треба да го направиме доколку би сакале да имаме стабилна иднина. Воопшто не гледам на посетата на американскиот дипломат во земјава како притисок иако мислам дека треба да се внимава во техниките на странските дипломати, кои минаа овде по секоја цена да се ратификува Преспанскиот договор. Таквата атмосфера може да придонесе за контраефект кај народот, а таквиот развој на случувањата не е добар за стабилноста на земјава, но и за регионот – заклучува Лазаров.
Паралелно на ова, еврокомесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан, преку Твитер изрази увереност дека пратениците од сите политички партии во македонското собрание, сепак, ќе ги тргнат настрана партиските интереси и ќе донесат одлука во интерес на земјата и граѓаните.
– Ова се одлучувачки денови за Македонија. Пратениците ќе гласаат за историскиот Преспански договор што ги отвора вратите на земјата за евроатлантската интеграција. Ова е гласање за иднината на земјата и позитивните перспективи за граѓаните. Јас сум уверен дека пратениците од сите политички партии се свесни за огромната можност и одговорност со која се соочуваат денес. Сега е време да ги стават настрана партиските интереси и да дејствуваат во интерес на земјата и нејзиниот народ – порачува Јоханес Хан. Коментарите на Хан доаѓаат во пресрет на завршната дебата во македонското собрание.
Дипломатите, сепак, се согласни дека влијанијата, без разлика од каде и да доаѓаат и на кои се подложни малите земји, како Македонија во случајов, не може ниту да се замислат во други европски земји. Дури и при најголемиот потрес на ЕУ во изминатите години со брегзит и одлуката за излегување на Британија од Унијата, ретко кој се дрзнуваше да ги препорачува или да им наредува на британските политичари што да прават. Истовремено дипломатската професија е прецизно регулирана со правила, протоколи и кодекси на однесување токму за да се регулира и да се оневозможи мешање во внатрешните работи на некоја држава. Сепак, доколку нема соодветна реакција или, пак, се наиде на погодна почва тогаш нормално дека притисоците и „сугестиите“ однадвор се зголемуваат, тврдат упатените. Се разбира, соработката и посетите на странските дипломати како наши стратегиски партнери и пријатели се секогаш добредојдени и пожелни, но притоа секако дека треба да се почитува сувереноста за одлучување на политичарите избрани од народот и да не се наметнуваат решенија однадвор. Инаку, изминатава недела Македонија ги почна пристапните преговорите за членство во НАТО и од пратениците зависи дали ќе обезбедат членството преку усвојување на уставните измени. Доколку предлогот за пристапување кон уставни измени не биде усвоен од Собранието, би можело да се очекува распишување на предвремени парламентарни избори.