Фото: Емил Јовановиќ

Според правилата, Непомнијашчи и Лирен, првопласираните неодамна на Турнирот на кандидатите за предизвикувач на светскиот првак, треба да играат за светската шаховска титула в година. Боби Фишер во 1975 година беше претходниот велемајстор што се откажа од титулата наместо да ја брани на натпревар

ШАХ – СВЕТСКИОТ ПРВАК НЕМА ДА ЈА БРАНИ КРУНАТА

Магнус Карлсен изјави дека нема да ја брани светската шаховска титула во 2023 година против Јан Непомнијашчи, кој неодамна победи на Турнирот на кандидатите за предизвикувач на светскиот првак. Според правилата, Динг Лирен, второпласиран на Турнирот на кандидатите, за светската титула ќе се соочи со Непомнијашчи, кого Карлсен го победи минатата година.
– Не сум мотивиран да одиграм уште еден натпревар. Едноставно чувствувам дека немам многу да добијам и, иако сум сигурен дека натпреварот би бил интересен од историски причини и сето тоа, немам никаква склоност да играм. И едноставно нема да го играм натпреварот. На крајот на краиштата, решението стои, за кое размислував многу долго време, би рекол повеќе од една година… многу пред последниот натпревар. И разговарав со луѓето во мојот тим, разговарав со Светската шаховска федерација, разговарав и со Јан. И заклучокот е, многу е едноставно, дека не сум мотивиран да одиграм уште еден натпревар – изјави Карлсен, во поткаст, пренесе британскиот „Гардијан“.
Карлсен изјави дека не ја исклучува можноста да се врати во иднина, но и дека „не би сметал многу на тоа“, како и тоа дека не се пензионира од шахот и оти ќе биде активен играч, а следуваат настапите на турнир во Хрватска и на Шаховската олимпијада од идната недела во Индија. Карлсен вели и дека сега ќе се фокусира на нови цели, како достигнување рејтинг од 2.900 поени.
– Искрено, возбуден сум да се вратам каде што бев во 2011, 2012 и во почетокот на 2013 година, кога бев фокусиран на обидите да напредувам, да ги правам вистинските работи, да играм на турнири, да бидам најдобар на светот и да не се грижам за мечевите за светската титула – рече Карлсен, кој стана светски првак во 2013 година, а потоа ја одбрани титулата во 2014, 2016, 2018 и во 2021 година.
Боби Фишер во 1975 година беше претходниот велемајстор што се откажа од титулата наместо да ја брани на натпревар, пишува „Гардијан“.
– Магнус Карлсен не заслужува ништо, освен почит од ФИДЕ и од целата шаховска заедница, за каква било одлука што ќе ја донесе во врска со неговата кариера. Само неколку луѓе во историјата можат да разберат и да ја проценат огромната цена што е потребна за да се одиграат пет меча за титулата. Многу други големи шампиони, во други спортови, доживеале нешто слично, со текот на годините, потешко е да се најде мотив за тренирање и за натпреварување на највисоко ниво, а наградата за победата никогаш не се чувствува толку интензивна како првиот ден. Спортските легенди како него секогаш се стремат кон цели и рекорди. Тој е уште млад и, веројатно, би можел да додаде повеќе класични титули во неговата веќе извонредна кариера, бидејќи сигурно ќе се обиде во рапид и блиц, кои ги фаворизира. Неговата одлука да не ја брани титулата е несомнено разочарување за навивачите, а лоша вест за спектаклот. Остава голема празнина. Но шахот сега е посилен од кога било, делумно благодарение на Магнус, а натпреварот на Светското првенство, една од најдолгите и најпочитувани традиции во светот на спортот, ќе продолжи – изјави, меѓу другото, претседателот на ФИДЕ, Аркадиј Дворкович, пренесе ФИДЕ на својата интернет-страница.


Заслужен за бранот популарност на шахот

Откако стана светски шампион во 2013 година, Магнус Карлсен е заслужен за бранот популарност на шахот, што привлече нови милиони луѓе низ светот, пишува британски „Телеграф“. Тој, исто така, се обиде да ја популаризира играта за гледачите со лансирањето на неговиот сопствен поедноставен циклус турнири од светска класа, „Мелтвотер шаховски турнири на шампионите“. Надвор од шахот, Карлсен доста време соработуваше со холандската модна куќа „Г-Стар роу“, а лансираше и успешна деловна империја, основајќи ја групацијата „Плеј Магнус“ во 2013 година, која обезбедува апликации и онлајн платформи дизајнирани за учење шах и за охрабрување на играчите, а тој, исто така, е страстен фудбалски навивач и се најде на насловните страници во 2019 година кога водеше пред седум милиони играчи на официјалното „фантази“ фудбалско натпреварување во Премиер-лигата, пишува „Телеграф“. Л.Д.