Сите документи што не се конзистентни со основните премиси на македонизмот, а такви се и Договорот со Бугарија и Преспанската спогодба, претставуваат извор на сите наши витални проблеми и значат разнебитување на Македонија. Тоа, пак, води до констатацијата дека ако не ги раскинеме двата документа, Македонците ќе исчезнат, а во ЕУ ќе влезе Македонија, но не и Македонците. Трагично е, но мора да се прифати фактот дека со двата документа, Договорот и Спогодбата, Македонија, всушност, свесно или несвесно, изврши геноцид на Македонците во Егеј и во Пирин

АНАЛИЗА НА ЉУПЧО КОЦАРЕВ, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА МАНУ

Насловот на денешниот текст е инспириран од Орвеловата дистопија „1984“ и да претпоставиме дека се однесува за Македонија сто години подоцна. Оригиналниот наслов на романот „1984“ е „Последниот човек во Европа“, а неодлучноста на Орвел за изборот меѓу првиот (оригиналниот) и вториот наслов ја разрешува неговиот издавач, кој го предлага вториот наслов. За потребите на денешниов текст, сепак, се одлучив за двата наслова. На почетокот, да претпоставиме дека во 2084 година, Македонија веќе е „делумно рамноправна членка на ЕУ“, меѓутоа во тој случај, а имајќи ги предвид моменталните услови, речиси е веројатно дека во државата Македонија веќе не живеат Македонци – тие се целосно истребени. Притоа, десетина години по потпишувањето на протоколот од вториот состанок на заедничката меѓувладина комисија, ЕУ воведува нов концепт „делумно рамноправна членка на ЕУ“, во прилог на што одат и изјавата дека „претседателката… зборува за јазикот користен од луѓето во Северна Македонија“ и пораката на еврокомесарот за проширување и соседска политика на ЕУ дека „уставните измени мора да се случат“. Овој концепт предвидува дека и по потпишување на Договорот за пристапување во ЕУ, некои членки на ЕУ можат да иницираат повторно отворање на ЕУ-поглавјата (или ЕУ-кластерите). Така, процесот на пристапните преговори, всушност, може и никогаш да не заврши, па оттука произлегува и синтагмата „делумно рамноправна членка на ЕУ“. За соочување со предизвиците што ги донесе ваквиот нов концепт, како и многупати досега, Владата на Македонија пристапува кон формирање фамозни министерства, во случајов четири министерства: Министерство за мир, Министерство за изобилство, Министерство за вистина и Министерство за љубов.

Министерство за мир. Министерството за мир има цел да се вклучи и да придонесе во вечната војна против македонскиот јазик, македонскиот идентитет, македонскиот народ и сѐ што е македонско. Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Република Бугарија и Преспанската спогодбата иницијално беа доволни само за да започне уништувањето на македонизмот. Но примарната цел на Министерството за мир е да се искористат сите механизми за разнебитување на Македонците без да се дозволи да се издигне општата свест за македонизмот. Исчезнувањето на Македонците би се случувало постепено во период од педесетина години, но Министерството и понатаму би постоело со својата јасна мисија: војната против македонизмот мора да е вечна, самоуништувањето на Македонците мора да е вечно, како што е вечен и процесот на пристапување во ЕУ.
Министерство за изобилство. Заради отуѓување од македонизмот, Министерството за изобилство е задолжено системски и континуирано да работи на намалување на животниот стандард на граѓаните за да го одржува нивниот живот во сиромаштија, на границата на минимална егзистенција, да воведува механизми со кои се ограничуваат количествата стоки потребни за достоен живот и да го контролира домашното производство, влевајќи на тој начин страв и паника за основна егзистенција на граѓаните. Во прилог на наведеното, Министерството за вистина, од една страна, ги поткрепува тврдењата на Министерството за изобилство со манипулирање на фактите за можен економски раст во време на војна, која, од друга страна, Министерството за мир ја одржува вечно да трае. Министерството за изобилство, исто така, ја води националната лотарија за одвлекување на вниманието од македонизмот, но и за издигнување на игрите на среќа на ниво што е карактеристично за сиромашните земји.
Министерство за вистина. Министерството за вистина ги контролира информациите, вестите, образованието, науката и уметноста. Под надлежност на ова Министерство е работата на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, која ги усогласува овие прашања во согласност со барањата на ЕУ. Ова Министерство е одговорно за затворање на сите катедри за македонски јазик и македонска книжевност, за затворање на весникот „Нова Македонија“ и на сите промакедонски медиуми и за гонење на сите промакедонски дејци.
Министерство за љубов. Министерството за љубов ги идентификува, следи, апси и преобразува Македонците. Во ова Министерството се врши тортура врз неистомислениците со ЕУ-политиките за Македонија, кои се соочуваат со „најлошото нешто на светот“, сѐ додека љубовта кон ЕУ-политиките за Македонија под принуда не ги преобрази неистомислениците во немакедонци.

Ваквата дистописка иднина сигурно никој од нас не ја посакува, па дури и најтврдокорните поддржувачи на денешниве владини политики. Затоа редно време е сите да се запрашаме што треба да направиме ова да не се случи? Најпрво, треба да се соочиме со вистината. Пораките на ЕУ се јасни: претседателката на ЕУ „зборува за јазикот користен од луѓето во Северна Македонија“, додека, пак, еврокомесарот за проширување и соседска политика на ЕУ вели дека „уставните измени мора да се случат“. Преспанската спогодба и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Република Бугарија се две димензии на една иста општествена испреплетена реалност однапред осудена на пропаст, па затоа, тие не треба да се разгледуваат и анализираат одвоено. Оттука, или двата документа ќе се величаат, ќе се почитуваат и ќе се имплементираат, што дефинитивно ќе доведе до исчезнување на Македонците, или и двата документа ќе се оспоруваат, ќе се негираат и ќе се раскинат. Нема можност за избор помеѓу нив: или двата или ниеден.
Истиот став треба да се застапува и кога станува збор за македонизмот, кој подразбира две работи. Прво, автохтоност на македонскиот народ и на неговиот историски, јазичен, културен и религиски континуитет, нагласувајќи дека македонскиот јазик, како, впрочем, и сите други јазици, не само словенските – има свој просторен и свој временски континуитет. Второ, македонскиот национален супстрат го претставуваат Македонците што живеат во државата Македонија, но и оние во соседството (како државјани на соседните земји, вклучувајќи ги тука и Грција и Бугарија), како и низ целиот свет. Повторно, двата атрибута на македонизмот се неделиви еден од друг, две димензии од иста сплотена реалност, па затоа тие не можат да се одвојат. Оттука, негирањето на постоењето на Македонците во Егеј и во Пирин повлекува непостоење на македонските дијалекти, тоа, пак, повлекува непостоење на македонскиот јазик, што значи и непостоење на македонскиот народ и македонскиот идентитет.

Во тој контекст, сите документи што не се конзистентни со основните премиси на македонизмот, а такви се и Договорот со Бугарија и Преспанската спогодба, претставуваат извор на сите наши витални проблеми и значат разнебитување на Македонија. Тоа, пак, води до констатацијата дека ако не ги раскинеме двата документа, Македонците ќе исчезнат, а во ЕУ ќе влезе Македонија, но не и Македонците. Трагично е, но мора да се прифати фактот дека со двата документа, Договорот и Спогодбата, Македонија, всушност, свесно или несвесно, изврши геноцид на Македонците во Егеј и во Пирин. Досега сум пишувам многупати, но не пречи уште еднаш да повторам: според членот 7 (став 2) на Преспанската спогодба, во однос на Првата страна (Република Грција), термините „Македонија“ и „македонски“ ги означуваат „не само областа и народот во северниот регион на Првата страна туку и нивните одлики, како и елинската цивилизација, историја, култура и наследството на тој регион од антиката до денешен ден“. Така, покрај тоа што ставот 2 јасно ја дефинира просторната граница на употребата на термините „Македонија“ и „македонски“ за двете држави, државата Грција во ставот 2 дополнително јасно го дефинира и временскиот период (од антиката до денешен ден) на употребата на термините „Македонија“ и „македонски“. Тоа значи дека, според Преспанската спогодба, словенското население што живеело и сѐ уште живее на територијата на денешна Грција не се Македонци, нивниот јазичен дијалект НЕ Е македонски, нивната историја НЕ Е македонска, нивната култура НЕ Е македонска и нивното културно наследството НЕ Е македонско. Оттука и оттогаш произлегува и клучното прашање што навидум денеска создава нови проблеми за Македонија – ако дијалектот не е македонски, а е словенски, што мислите каков е?

Затоа, во септември треба да започнеме мудро и спокојно со процесот на разрешување на состојбата во која дојдовме поради неуките, недоквакани и алчни (за власт, слава и пари) политичари. Време е за промени, а јас ќе направам сѐ, прво, како интелектуалец, а потоа и како член на МАНУ, интелектуалците да бидат предводници на овие промени, а кон тоа во рамките на своите надлежности да даде свој придонес и највисоката научноистражувачка и уметничка институција, како столб на државноста, што впрочем и се очекува од оваа куќа. Несомнено, Македонија сака да биде дел од ЕУ-семејството, таа е веќе дел од НАТО, но Македонците за сметка на тоа загубија сѐ – нивниот идентитет, нивниот јазик и нивната етничка припадност, особености што имаат непроценлива вредност за која било цел. Затоа, изгубеното треба да се поврати назад. И мора да се стори тоа. Во спротивно, зошто и на кои им се потребни ЕУ и НАТО – македонското име не треба и нема да загине. Од нас зависи. Придружете се!