Пред Владата вечерва, под мотото „Ултиматум, не благодарам“, осми ден продолжија протестите против францускиот предлог. Беа испратени пораки за национално обединување и за масовност на протестите.
Учесниците на протестот со македонски знамиња и предводени од опозициските ВМРО-ДПМНЕ и Левица се движеа од Владата кон Министерството за правда до Собранието како крајна дестинација.
Со транспаренти „Ултиматиум, не благодарам“ и „Сепак, ние ќе победиме“, граѓаните се упатија од Владата преку Министерството за правда до Собранието, скандирајќи „оставка“ и пеејќи патриотски песни. Беа испратени пораки за национално обединување и за масовност на протестите.
Протестот помина мирно. Меѓу граѓаните се и членови на опозициската ВМРО-ДПМНЕ и на Левица кои јавно ги поддржуваат протестите.
Објектите на Собранието и на Министерството за правда беа обезбедени од полициски кордони.
Протестите се одржуваат секој ден со исклучок на саботата кога не се одржаа поради муслиманскиот празник Курбан Бајрам и во петокот кога незадоволството беше изразено преку блокади во Скопје и на магистралните патишта Штип – Велес, Струмица – Радовиш и Плетвар – Прилеп. За утре е најавен нов протест во 19 часот.