МВР информира дека вчера од страна на полициски службеници уапсени се С.Д.(61), Н.К.(37) и М.Р.(43), сите од Скопје, поради постоење основи на сомнение дека извршиле кривично дело изнуда по чл.258 од Кривичниот законик.
Според извештајот на полицијата, С.Д., поради претходен долг на оштетеното лице во износ од 63.500 евра во текот на 2004 година, до 2019 година со закани му наплатил околу 440.000 евра.
Во периодот од 2019 година до 30 јуни годинава, С.Д., заедно со Н.К., во име на М.Р., полициски службеник, со закани по живот, му изнудиле дополнителни парични средства во износ од 560.000 евра со рок на исплата до 30 јуни годинава. Притоа, со оглед на сумата, оштетениот се договорил со изнудувачите неделно да им предава од 5.000 до 10.000 евра, сè до конечната исплата на 560.000 евра.
По преземени мерки и активности од страна на полициски службеници, а во координација со Основното јавно обвинителство Скопје, по примопредавање на пари во износ од 3.000 евра од страна на оштетеното лице, трите лица се лишени од слобода.
Тие се задржани во полициска станица, а денеска против нив е поднесена кривична пријава по брза постапка и изведени се пред надлежен Јавен обвинител.