Неколку часа откако Европската Унија (ЕУ) ја донесе историската одлука за доделување кандидатски статус на Украина и Молдавија, минатата недела, бугарските парламентарци испратија потсетување за тоа колку долг и мачен веројатно ќе биде патот кон членство, пишува „Форин полиси“.
– Спорот поради евроинтеграциите на Македонија е порака до најновите кандидати дека, дури иако Брисел е отворен за нови членки, сите во соседството не се. Одлуката за проширување на ЕУ бара едногласно одобрување од земјите-членки, ставајќи го пристапниот процес во заложништво на историјата, јазикот и регионалните ривалства. Од проширувањето со Австрија, Финска и Шведска во 1995 година, пристапниот процес стана подолг и покомпликуван, со што ваквиот случај е нагласен на Западен Балкан – се наведува во анализата на американскиот магазин.
„Форин полиси“ додава и дека бугарскиот парламент во петокот дал зелено светло за францускиот предлог, но оти не се очекува Македонија да ги прифати бугарските барања.
– Одоброволувањето на Бугарија постави опасен преседан за иднината на проширувањето на ЕУ, стравуваат аналитичарите. Не само што веројатно ќе поттикне понатамошно националистичко расположение во Македонија и во Бугарија, туку ќе им покаже и на другите членки на ЕУ како да го користат процесот на проширување за да ги „израмнат сметките“ со соседите – заклучува американскиот магазин.