Фото: З.А.

Градскиот плоштад во Кичево кој почна да се реконструира во месец октомври минатата година, конечно ќе го добие својот финален изглед. Од денес, компанијата подизведувач од Куманово, истата градежна фирма што го изгради плоштадот „Мајка Тереза“ во Скопје, започна со поставување на гранитни плочи кои за оваа потреба беа увезени од БиХ. Од компанијата изведувач најавуваат целосно завршување на работите во наредните 4 месеци.

-Од денес со засилен ритам започнавме со поставување на гранитни плочи на градскиот плоштад во Кичево. Компанијата подизведувач од Куманово со својата референца гарантира дека целокупната реконструкција на градскиот плоштад ќе заврши во период од 4 месеци. Градскиот плоштад се протега на површина од над 5 000 метри квадратни и со оваа реконструкција ќе добие сосема нов европски изглед. Покрај партерното уредување, на градскиот плоштад ќе се постават и нови канделабри,урбана опрема,клупи и корпи за ситен комунален отпад а во делови ќе има и простор за хортикултурно уредување. Со сите содржини што ќе бидат ефектуирани на овој простор, Кичево ќе добие градско средиште со кое ќе може да се гордее -истакна Лупче Матески од компанијата изведувач „Ас Сењак“ од Кичево.

Инаку, средствата во износ од 800.000 евра за оваа реконструкција се обезбедени преку ТАВ програмата. Покрај за овој проект средства од ТАВ програмата се обезбедени и за изградба на градска капела кај православните горбишта во Кичево, чија градба е во полн ек, како и реконструкција на поранешната Команда на гарнизонот Кичево, која по целосната реконструкција ќе биде наменета за нова општинска зграда.

З.А.