АД ЕСМ ќе поднесе понуда на јавната набавка на ЕВН Хоум со рок до 24 јуни. АД ЕСМ до Владата достави пресметки и предлози во однос на цената и количините, по што Владата на затворена седница носи одлука со препорачана цена и количина, која се
доставува до ЕСМ. Согласно одлуката, ЕСМ во затворена понуда ќе аплицира на повикот на ЕВН Хоум.
Врз основа на направените анализи и пресметки, АД ЕСМ утврди дека е во состојба да ги обезбеди вкупните количини на електрична енергија кои му се потребни на ЕВН Хоум, односно 100 отсто да ги покрие потребите на универзалниот снабдувач за граѓаните и малите потрошувачи (законот за оваа година го обврзува ЕСМ за 60 отсто), како и целосно покривање на техничките загуби во системот на ЕВН Електродистрибуција и
целосно покривање на техничките загуби во системот на МЕПСО.
За таа цел, АД ЕСМ за 20 отсто го зголеми планот за производство на електрична енергија за годинава, од производството во минатата година. Конзумот на ЕВН Хоум е зголемен за 27 отсто, поради префрлањето на потрошувачи од слободниот на регулираниот пазар (деловни субјекти, општини, јавно осветлување).
Дополнителните потреби на ЕВН Хоум и на ЕВН Електродистрибуција ќе ги задоволиме
со дополнителна набавка на јаглен за зголемување на производството од термоелектраните Битола и Осломеј, како и обезбедување доволни количини мазут за работа на ТЕЦ Неготино, се вели во соопштението на АД ЕСМ. М.М.