Руските сили навлегоа во индустриската зона на тешко опколениот украински град Северодонецк, изјави гувернерот на Луганск, Сергеј Хајдај, додека беснеат борбите во источна Украина.
Според Хајдај, во тоа подрачје, руските сили ја немаат заземено само хемиската фабрика „Азот“. Не престануваат нападите врз селата што се наоѓаат во близина.
Во фабриката „Азот“ се кријат околу 300 цивили, информираше потпретседателката на украинската Влада, Ирина Верешчук. Но, ситуацијата постојано се менува.
Како што најави Верешчук, официјални лица ќе се обидат да воспостават безбедносен коридор за цивилите кои бараат евакуација од фабриката.
Дваесет украински цивили вчера ја напуштиле фабриката, користејќи премин што не е под контрола на украинските сили, јавија руски медиуми.
Киев призна дека го изгуби предградието на Северодонецк, Метолкине.
Силите лојални на Москва продолжија со напорите за спасување, откако украинските крајбрежни одбранбени сили со проектили нападнаа пловечки платформи за производство на гас во Црно Море, изјави лидерот на Крим, Сергеј Аксенов.
Тој на Телеграм објави дека на платформата имало над 100 лица, според најновите податоци. Спасени биле повеќе од 90, најмалку тројца се повредени, а се бараат седуммина.
Украинскиот пратеник Олексиј Хончаренко, исто така, информираше за ракетни напади на платформата во Црно Море.
Платформите се наоѓаат на околу 100 километри од брегот на покраината Одеса и 150 километри од полуостровот Крим во Црно Море.
Кога Русија го анектираше Крим, платформите ги зазеде руската војска во март 2014 година.