Сигнали до потомството (9)

За оваа антологиска фантастична приказна, која некои ја сметаат и за прв расказ, а некои дури и за новел(ет)а, напишано е море литература и нема потреба да се натпреварувам со поучени од мене на оваа тема. Ќе понудам едно ново, за некого можеби и егзибиционистичко читање на оваа сказна: ќе го барам кај Цепенков она што теоретичарот Фредерик Џејмисон го нарекува „политичко несвесно“ во книжевниот текст

По браќата Миладиновци, најважниот наш собирач на народни умотворби од XIX век е Марко Цепенков: оној самоук прв македонски прозен гениј што животот ќе го заврши во крајна сиромаштија во Софија, продавајќи ѝ ги за сув леб собраните народни умотворби на БАНУ, каде што и се печатат, во зборниците на Бугарската академија. Досега се објавени околу 700 негови приказни и преданија. Највисоки македонски книжевни авторитети покажуваат дека Цепенков е и нашиот прв вистински индивидуален прозен писател.

Сказната (фантастичната приказна) за која се знае дека е целосно негова, индивидуална творба, а не само фолклористички запис, се вика „Силјан Штркот“. Не смее да има Македонец што не ја прочитал. Таа за Македонците е истото она што е „Малиот принц“ за Французите: филозофија на животот. Етика. Филозофија на идентитетот. Угледни македонски фолклористи тврдат дека мотивот на оваа сказна е ексклузивен и за светската фолклористика: мотивот на преобразба на човекот во штрк е куриозитет и за најкомплетната фолклористичка класификација на мотивите – онаа на Арнѐ и Томпсон.

За оваа антологиска фантастична приказна, која некои ја сметаат и за прв расказ, а некои дури и за новел(ет)а, напишано е море литература и нема потреба да се натпреварувам со поучени од мене на оваа тема. Ќе понудам едно ново, за некого можеби и егзибиционистичко читање на оваа сказна: ќе го барам кај Цепенков она што теоретичарот Фредерик Џејмисон го нарекува „политичко несвесно“ во книжевниот текст. Прашањето што ме интересира е: можно ли е во оваа сказна (за која е несомнено дека е „дидактична“ и наменета за „непослушни деца“) да се крие и дополнително идеолошко значење за возрасните, кое доаѓа од „политичкото несвесно“ на тогашниот, но и на сегашниот Македонец, зашто и двајцата очигледно имаат силен проблем со идентитетот. А таков проблем има и главниот лик од сказната на Цепенков, Силјан: човек ли е, штрк ли е? Македонец ли е или Европеец?

Најпрвин, да се потсетиме на сказната: разгалениот син Силјан не им помага на своите родители во полските мачни работи. Повеќе сака ладна бира и алва по прилепските меани („европски живот“). Родителите го плашат со една легенда, според која непослушните и мрзливи деца се претвораат во птици. Но Силјан сака „разузден“ живот и затоа бега од дома, упатувајќи се токму кон таков живот: полн авантури. Така се денес Европа и САД привлечни за нашите деца. Иако оди со еден духовник на „Божји гроб“, нему не му е до Бога, туку до ендорфин и адреналин; би отишол секаде само да не остане дома (ве потсетува ли, денешни родители, ова на нешто?). Но Силјан преживува бродолом и запаѓа во една чудна земја, во која луѓето се проколнати да немаат пород и да личат на штркови. Европа ли е тоа од политичкото несвесно на Цепенков (Европејците и денес се навистина „штрклести“ и главно со низок наталитет), а тој за неа (како и Жинзифов) имаше ниско мислење („блудница вавилонска“)? И види чудо денешно уште во таа сказна: наместо лагоден живот, таа „долна земја“ бара само труд: тие штрклести луѓе работат и ден и ноќ, како германски арбајтери. Таму Силјан ја дознава нивната трагична судбина: поради грев на предците, кои од бес убиле некој невин старец, луѓето од таа земја биле проколнати да немаат пород, освен ако не отпатуваат во друга земја. (И Европа има многу гревови на предците: доволно е само да се каже „Хитлер“). Крај гробот на невино убиениот старец (читај како денешно „политичко несвесно“ – Евреин, зашто Цепенков не можел да знае за Хитлер) се јавиле два извора: кога напролет ќе се искапат во едниот, луѓето се престоруваат во штркови, па потем патуваат во земјата на луѓето. Дали во политичкото несвесно на Цепенков бил запишан имаголошкиот архетип за Европејците „дека се маскираат ВО НЕШТО ДРУГО“ кога доаѓаат кај нас (како олеснувачи, медијатори, дипломати)? Дека доаѓаат овде само за задоволство, да јадат ќебапи и да се размножуваат? Потоа, тие и такви штркови со породот се враќаат наесен назад, за да се искапат во вториот извор и повторно да се престорат во луѓе што личат на штркови.

Во таа земја на штрковите, Силјан мора да остане до пролет и да работи на нивите најтешки физички работи. Прашајте ги нашите деца што заминаа за Европа во каква пот и мака го заработуваат лебот свој насушен и колку време им останува за лагоден живот? Така, и Силјановиот престој таму е еден вид „воспитно-поправна“ мерка. Кога конечно доаѓа пролет, тој се капе во изворот што има магична моќ да ги претвори луѓето во штркови, за да може да одлета дома, кај своите, по кои сега тагува („Т’га за југ“). Неговата лоша душа сега е морално превоспитана преку трудот (има, значи, аир и од Европа!). Околу вратот си закачува и посатка со водата од другиот извор, со кој ќе може, кога ќе стигне кај своите, да се претвори во човек (Македонец). Но, за жал, кога стигнува, од радост и невнимание ја испушта посатката со волшебната вода и таа се крши: тој мора сѐ до есента да остане на покривот од својата куќа, престорен во штрк (Европеец). Тој повторно страда: најблиските не го препознаваат, та дури и се обидуваат да го избркаат од дома, плашејќи се да не им наштети на посевите! Што кажува ова, ако се смета за „идеолошка потсвест“ на Цепенковата приказна? Дали воопшто оној наш човек што еднаш „се сторил штрк“ (Европеец) ќе биде препознаен од нашите како „наш“ или како суштество со ЦЕЛОСНО ИЗБРИШАН И СМЕНЕТ ИДЕНТИТЕТ?

Кога по цело лето НЕПРЕПОЗНАВАЊЕ од своите, наесен штрковите ќе одлетаат во долна земја, и Силјан ќе замине со нив. Потем ќе следува цело „второ полувреме“ странствување со тешка физичка работа, за конечно, при второто враќање, следната пролет, да се врати дома и да си го добие ИЗВОРНИОТ ИДЕНТИТЕТ.

Приказната е жестока критика на сфаќањето дека човекот се раѓа како „готов производ“. Таа е филозофско-уметнички трактат, кој тврди дека човек, напротив, се станува. Неспорно е дека Силјан станува човек со помош на „долна земја“, преку „луѓето-штркови“, или преку потсвесната имагологија за просветителска Европа. Но истата таа Европа има и застрашувачки чуда: извори за инстант менување идентитет. Гледана од денешна перспектива, перспектива на векот на маркетингот, таа земја на штрковите нуди „чуда“ познати од арсеналот на корпоративниот капитализам на Европа и САД: чудотворни води кои прекуноќ од дебел ќе ве направат слаб, инјекции со кои ќе добиете мускулесто тело „за три дена“ без да вежбате… Иако Цепенков немал намера да го впише тоа значење, приказната денес функционира и како жестока критика на сите идеологии на потрошувачкото општество, кои тврдат дека ќе станете подобар човек со помош на чудотворни помошници. Напротив, приказната на Цепенков тврди дека човекот (Македонецот) може да се потпре само врз себе, за да си го зачува идентитетот. Нема чуда, нема волшебни и „пократки“ патеки до човечката супстанција. Треба макотрпно да се работи врз себе и сопствената личност. Нешто за што Европа може само да помогне преку школата на трудот, ама не и да направи чудо.

Дури и да станува збор за целосно мое политичко несвесно прочитано (впишано) во приказната, ова е доказ дека не сме се поместиле во многу поудобна позиција од онаа на негирање на идентитетот, од Цепенковиот век.