ТРЕВОГА: ЛЕТОТО И ОДМОРИТЕ СЕ МАГНЕТ ЗА КРИМИНАЛЦИТЕ

Истражувачите успеале да докажат дека во летниот период најмногу се реализираат кражби во домовите. Според оваа студија, провалните кражби во домовите се почести за 11 проценти во лето отколку во другите годишни времиња. Тоа, според истражувањето, е последица на користењето на годишните одмори од станарите и празните домови токму во тој период, што е искористено како „згодна можност“ за провални кражби. Сепак, не се само кражбите актуелни во летниот период. Истражувањата покажуваат дека високите температури ја зголемуваат и агресијата кај луѓето…

Дека летниот период речиси секогаш се карактеризира со зголемен број кражби, доказ се истражувањата и резултатите од нив од страна на реномирани светски научници. Во своите анализи, тие дури посветиле и посебно внимание за тоа зошто во летниот период расте криминалот. Причината зошто е тоа така, сѐ уште не е откриена, меѓутоа факт е дека заминувањето на летен одмор и паркираните возила со вредни предмети на плажите ги мотивираат криминалните умови да ја искористат пригодата, па токму затоа и бројката на криминал расте во жешките и топли денови.

ВИСОКИТЕ ТЕМПЕРАТУРИ „ГИ МОТИВИРААТ“ КРИМИНАЛЦИТЕ?!

Со порастот на температурата во летниот период, расте и бројката на извршени криминални дела. Постојат неколку теории за тоа која е причината поради која во летниот период расте бројот на криминалните дела.

Многубројните направени истражувања покажуваат дека провалните кражби во празните домови на луѓето што заминале на одмор во летниот период се зголемуваат за 10,5 проценти. Најчестите видови криминал во летниот период се кражбите во домовите на луѓето.

Во последно време, карактеристични се „објавите“ на социјалните мрежи дека некој заминал на одмор. Тоа, според криминолозите, е „исто како на криминалците доброволно да им се остави отворена врата за да можат ’на раат‘ да истражат што има во тој објект и да го ограбат“. Криминалците се опортунисти, па овие пригоди им доаѓаат доста добро.

Истражувачите успеале да докажат дека во летниот период најмногу се реализираат кражби во домови. Според оваа студија, провалните кражби во домовите се почести за 11 проценти во лето отколку во другите годишни времиња. Тоа, според истражувањето, е последица на користењето на годишните одмори од станарите и празните домови токму во тој период, што е искористено како „згодна можност“ за провални кражби.

Сепак, не се само кражбите актуелни во летниот период. Истражувањата покажуваат дека високите температури ја зголемуваат и агресијата кај луѓето. Имено, топлиот период е надворешен фактор што влијае полесно да се губи присебноста, па нервозата во овие денови е неминовна. Сето тоа води до агресивно, асоцијално, па дури и криминално однесување. Истражувачите на една американска студија потврдиле дека токму „налето многу е поголема веројатноста да се настрада од насилство, силување и ограбување“!

ВНИМАНИЕ: И КРАДЦИТЕ „СЕ СЕЛАТ“ НА ПЛАЖА

Македонија има голем број туристички места, а во летниот период најпосетени се локациите што нудат плажи за разладување. Охрид, Дојран и Преспанскиот Регион се најчестите дестинации за домашните туристи. Олабавувањето на мерките за спречување на ширењето на коронавирусот, на големо ги мотивираше граѓаните да ги резервираат своите летни одмори и на подолг временски период да ги напуштат своите домови. Исто така, локалните туристички центри се преполни со паркирани возила во кои неминовно, посетителите знаат да остават вредни предмети, не ни помислувајќи дека токму нивните ќе бидат „уловени“ од страна на криминалците.
„Нова Македонија“ направи анализа на тоа дали е зголемен бројот на кражби, кои се најчестите кражби во летниот период и дали истите тие се евидентно зголемени на туристички места.

Од Министерството за внатрешни работи велат дека во согласност со статистичките показатели, во делот на имотните деликти во текот на летниот период, за подрачјето на Охрид и Струга, бројот на кривичните дела по членот 236 – „тешка кражба“, во текот на ланската туристичка сезона, како и на кривичните дела по членот 235 – „кражба“, вкупно изнесувала 90, а најчеста цел на сторителите биле куќи, станови, апартмани, чии сопственици не живеат во нив, односно ги користат за викенди, одмори или за издавање на туристи.
– Во оваа бројка влегуваат и имотни деликти, односно кражби во возила паркирани на паркинг-простори лоцирани на плажата Оревче – Градиште, х. „Парк“ во Охрид и „Империјал“ во Струга и на самите плажи каде што посетителите најчесто ги оставаат своите торби со лични работи, така што претежно станува збор за одземени мобилни телефони и паричници. Споредбено со 2020 година, со оглед на преземените оперативни мерки на СВР-Охрид, бројот на пријавени тешки кражби од ПМВ на паркинг-простори и по плажите беше намален – информираат од МВР.

Оттаму додаваат дека во рамките на сите сектори за внатрешни работи преку надлежните одделенија за превенција МВР пред почетокот на летниот период во континуитет се изведуваат превентивно-едукативни активности во соработка со локалните совети за превенција, а посветени, меѓу другото, и на заштитата од кражби за време на годишните одмори, со конкретни сугестии на што треба граѓаните да водат сметка за да се намалат ризиците од овој вид имотни деликти.
– Во тој контекст на превентивно-оперативни активности при СВР-Охрид функционира и посебна велосипедска полициска служба, која е фокусирана на централното подрачје во Охрид, на фреквентните паркинг-простори, како и на плажите по должината охридското крајбрежје, со што значително е зголемена ефикасноста не само во поглед на превенирањето туку и во фаќањето сторители на кражби од возила – велат оттаму.


Веќе украдено, не влегувајте

Деновиве вистински хит на популарната страница на Фејсбук, наречена Squatting Slavs in Tracksuits, е фотографија од натпис на еден стан на приземје во Полска. Имено, станува збор за порака, очигледно наменета за крадците, која може да се преведе како „веќе украдено“. Несомнено дека станарот на приземјето има горко искуство со крадците и решил да ја постави оваа порака на видливо место за да им каже дека веќе нема што да се краде, а и да избегне непотребни оштетувања.