Фото: Игор Бансколиев

Актуелниот тренд на намалување на невработеноста во корелација со економскиот раст

Зошто економските аналитичари не можат да констатираат дека намалувањето на невработеноста е резултат на забрзан економски раст во земјата? Тие анализираат и укажуваат дека другите показатели не се толку охрабрувачки…

Невработеноста во Македонија во последните години бележи историско намалување на 14,8 отсто, но сепак и тоа е далеку од европските стандарди, каде што стапката се движи во просек околу 6 отсто, што значи дека невработеноста во нашата држава сѐ уште е висока.

Факт е падот на стапката на невработени, но на што реално се должи тој тренд?

Стапката на невработеност во земјава се спушти на 14,8 отсто во однос на стапката во последното тримесечје од 2021 година кога изнесувала 15,2 отсто, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Стапката на активност во овој период е 55,3 отсто, додека стапката на вработеност 47,1 отсто. Статистика пресмета дека во првото тримесечје од годинава активното население во земјава изнесувало 811.197 лица, од кои вработени биле 691.498, а 119.699 лица се воделе како невработени.

Од друга страна, во април 2022 година, стапката на невработеност во еврозоната била 6,8 отсто, стабилна во споредба со март 2022 година и пад од 8,2 отсто во споредба со април 2021 година. Стапката на невработеност во ЕУ била 6,2 отсто во април 2022 година и помалку од 7,5 отсто во април 2021 година. Евростат проценува дека 13.264 милиони мажи и жени во ЕУ, од кои 11.181 милиони во еврозоната се невработени во април 2022 година. Во споредба со април 2021 година, невработеноста е намалена за 2,543 милиони во ЕУ и за 2,175 милиони во еврозоната.
– Не можеме да констатираме дека намалувањето на невработеноста е резултат на забрзан економски раст во земјата, затоа што другите показатели не се толку охрабрувачки. На пример, индексот на индустриско производство јануари-април 2022 година во однос на истиот период од 2021 година покажува раст од само 1,5 отсто. Ова значи дека гледајќи ја моменталната состојба, крајот на годината би го дочекале со ниво на развој минимално подобро од крајот на 2019 година – објаснува претседателот на собранието на Организацијата на работодавачи на Македонија, Ангел Димитров.

Што се однесува на невработеноста, тој вели дека таа треба да се анализира од повеќе аспекти. Најпрвин ако се споредат бројот на невработени и бројот на вработени во истиот период од 2022 и 2021 година, додава тој, ќе се види дека бројот на вработени се намалил за 101.623 работници, а бројот на невработени се намалил за 31.144 невработени лица.
– При оваа анализа мора да земеме предвид дека состојбата на крајот на првиот квартал од 2022 година е усогласена со резултатите од пописот во 2021 година, па така и бројот на работна сила е намален од 943.964 лица во март 2021 година на 811.197 работници, т.е. работоспособно население во март 2022 година. Ова значи дека податокот од 14,8 отсто невработени е пореален од оној во март 2021 година, кој изнесувал 16 отсто. Во секој случај, заминувањето на младите надвор од земјата и присутната состојба на небарање работа драстично влијаат на прикажаните резултати, затоа што во бројот на невработени се пресметуваат само лицата што активно бараат работа. Дел од другите невработени или работат на црно или немаат интерес за вработување – потенцира Димитров.

И покрај високите стапки на невработеност, има недостиг од работна сила

Како што посочува претседателот на собранието на Организацијата на работодавачи на Македонија, Ангел Димитров, точно е и тоа дека имаме стапка на невработеност што е една од највисоките во Европа, но исто како и во Европа и кај нас се јавува недостиг од работна сила.
– Затоа во иднина покрај борбата со сивата економија, ќе треба посериозно да се зафатиме со проблемите во образованието, кое е клучно за надминување на јазот помеѓу понудата и побарувачката на работна сила. Сметам дека реалната бројка на невработени е мошне пониска од прикажаната и во иднина треба уште повеќе да се намалува – појаснува Димитров.

Според анализите на институтот за економски политики и истражувања, „Фајненс тинк“, овие остварувања се резултат на понатамошното пасивизирање на населението, односно пад на стапката на активност од 55,7 отсто на 55,3 отсто помеѓу двата квартала.

Здравко Савески се согласува дека од осамостојувањето наваму во земјава имаме најниска стапка на невработеност, но сепак посочува дека тоа не кажува доволно за состојбите на терен.
– Ние во моментов имаме најниска невработеност во последните 30 години, од раните 1990-ти. Но овој податок, сам по себе, не кажува доволно. Од една страна, намалувањето на невработеноста во голема мера се должи на тоа што многу невработени станаа неактивни, излегоа од пазарот на трудот, а не дека се вработија. Поради која причина кај нас расте бројот на работоспособно население што не бара работа, треба дополнително да се истражи. Дел од причината е зголемувањето на бројот на работниците што заминале во пензија, така што ова само делумно го објаснува феноменот на работоспособно население што не бара работа. Од друга страна, треба да се има предвид дека во последната деценија дојде до значителен пораст на вработеноста и пад на невработеноста – укажува Савески.