Фото: Игор Бансколиев

СОСТАНОК НА ИФАБ

Според најавите, петте измени за секој тим на еден меч може да станат трајно правило, а ќе се разговара и за замени при потрес на мозокот и за воведување полуавтоматска технологија за детектирање офсајд

Употребата на пет измени, воведени како дополнување на правилата поради пандемијата на коронавирусот, ќе биде формално запишана во правилата на играта на состанокот денеска, соопшти Меѓународниот одбор на фудбалската асоцијација (ИФАБ), пренесе „Ројтерс“.

Според информациите, на состанокот може да има понатамошни дискусии и можни одлуки за замените при потрес на мозокот и полуавтоматизираната офсајд-технологија, кои, исто така, ќе бидат на агендата на раководното тело ИФАБ.
Најмногу пет замени за секој тим, наместо по три, беа дозволени од избувнувањето на пандемијата во 2020 година. Сега тоа правило треба да стане постојано, иако неговата употреба во различни натпреварувања ќе остане во дискреција на телото што ги организира натпреварите.

Англиската Премиер-лига, на пример, дозволи пет замени кога идејата првпат беше објавена од Светската фудбалска федерација (ФИФА), во мај 2020 година, но се врати на три замени во претходните две сезони. Таа лига, сепак, се согласи да има пет замени од следната сезона.

ИФАБ рече дека петте промени по тим на еден меч ќе продолжат да се дозволуваат да се прават во текот на мечевите, но не повеќе отколку во три можности, со исклучок на какви било промени направени помеѓу двете полувремиња. Потенцијална шеста замена би била дозволена доколку на натпреварот се играат продолженија.

Телото, основано во 1886 година за да дејствува како чувар на законите на играта, ќе разговара и за замените при потрес на мозокот и за полуавтоматската технологија за видеопомошник-судија (ВАР). Испитувањата на она што ИФАБ го нарече „дополнителни трајни замени со потрес на мозокот“ почнаа минатата година.
ИФАБ рече дека онаму каде што постои сомнеж дека некој играч има потрес, играчите треба да бидат заштитени со тоа што ќе бидат „трајно“ отстранети од натпреварот и за да се олесни тоа, тимот на играчот не треба да трпи со помалку играчи на теренот, со тоа што ќе даде приоритет на благосостојбата на играчот.

Полуавтоматизираниот ВАР, кој ќе овозможи откривање на офсајд-ситуации за неколку секунди, беше тестиран во претходните две години и имаше проба на Светското клупско првенство на ФИФА во февруари. Користи автоматско откривање на топката и веднаш создава тридимензионални модели на позицијата на играчот.