Советот на ФА треба да гласа за продажбата на стадионот на американскиот милијардер Шахид Кан на 24 октомври
Советот за Фудбалска асоцијација (ФА) на Англија од 127 члена се состана пред неколку дена за да ја слушне презентацијата на челниците на ФА за продажбата на стадионот „Вембли“ на американскиот милијардер Шахид Кан за 685 милиони евра. Советот на ФА треба да гласа за продажбата на 24 октомври.
Меѓу главните прашања за кои се дискутираше на состанокот беше „да се обезбеди статусот на Вембли како национален стадион“. ФА соопшти дека имало „здрава дискусија“ во Советот, кој честопати е нарекуван и парламент на англискиот фудбал, но тој нема моќ формално да го раскине договорот за купопродажбата на „Вембли“.
Некои од опозицијата што се против таа продажба велат дека Кан сака на „Вембли“ да ги стационира премиерлигашот Фулам и американскиот НФЛ-тим, Џексонвил јагуарс. Кан (68), пак, повеќе пати најавуваше дека неговиот план е да го реновира сегашниот дом на Фулам, „Крејвен котиџ“ и пред состанокот на секој член на Советот на ФА му напишал дека нема намера да го пресели Фулам на „Вембли“.
По состанокот, Кан издаде и соопштение во кое вели дека „договорот ќе обезбеди исклучителни можности да се инвестира во фудбалскиот спорт во Англија, и оти Вембли засекогаш ќе биде национален стадион на Англија и несомнено еден од најдобрите во светот“.
Заговорниците на опцијата за продажбата на „Вембли“ на Кан посочуваат дека и во времето на најголемиот триумф на англискиот фудбал, во 1966 година, стадионот бил во сопственост на приватна компанија, „Вембли стадиум лимитед“ што го поседувала од 1923 до средината на 90-тите, кога стариот стадион бил купен од ФА со пари од Националната лотарија. Тоа значи дека како и пред педесетина години кога ФА го изнајми стадионот за Светското првенство (СП) во 1966 година од тогашните газди, и сега ќе може да се склучи договор Англија и во иднина репрезентативните натпревари да ги игра на „Вембли“.
Новиот „Вембли“, кој е со капацитет од 90.000 места и има подвижен покрив, изграден е на местото на стариот стадион што беше урнат во 2003 година. За неговата градба беа потрошени 865 милиони евра, а свеченото отворање беше во 2007 година. „Оригиналниот Вембли“ беше изграден во 1923 година.
На „Вембли“ натпреварите ги игра репрезентацијата на Англија, а се играат и завршните натпревари од ФА-купот. Лани и годинава на него првенствените натпревари во Премиер-лигата ги игра Тотенхем. На него се одржуваат и други спортски натпревари, но служи и за организирање концерти.