САД треба да реагираат на Балканот каде ЕУ не може да постигне поместување на позициите, коментираше за Гласот на Америка аналитичарот Едвард Џозеф од Школата за напредни и меѓународни студии при Универзитетот Џонс Хопкинс во Вашингтон.
Тој се осврна на стратешкиот дијалог меѓу САД и Македонија, прв од таков вид, и влијанието врз регионот.
– Тајмингот на одржување на стратешкиот дијалог во Вашингтон не можеше да биде подобар за Северна Македонија, затоа што подоцна месецов ЕУ ќе одржи самит од каде ќе биде донесена одлука за евентуален излез од овој антидемократски и проруски маневар на Бугарија со блокирањето на почетокот на преговорите за Скопје и за Тирана – рече Едвард Џозеф во изјава за Гласот на Америка.
Според Џозеф, аналитичар со фокус на Балканот, земјава сѐ уште ги чувствува негативните последици од Бугарија со ветото, а ситуацијата е уште повеќе влошена по воените дејствија во Украина.
Тој изјави дека Македонија и Албанија го имаат исполнето тоа што од нив се бараше за почеток на преговори со ЕУ, и затоа блокирањето на интегративниот процес претставува проблем за самата ЕУ, но и за САД.
Според него, актуелната политика на Бугарија кон проширувањето на ЕУ, само оди во прилог на интересите на Русија во регионот.
Тој анализираше и дека Србија им пркоси на повиците на ЕУ и САД да воведат санкции врз Русија, и дека хрватскиот претседател се заканува дека ќе го блокира членството на Финска и Шведска во НАТО доколку нема решение за некои наталожени предизвици во Босна и Херцеговина.