Молдавскиот претседател Игор Додон денеска предложи свикување на Сеправославен собор на кој би се разгледала одлуката на Вселенската патријаршија за давање автокефалност на Православната црква во Украина.
Додон изрази жалење и загриженост поради „настанатата состојба во православниот свет“, по одлуката на Вселенската патријаршија да ја укине одлуката од 1686 година, со која Киевската митрополија и е предадена на Московската патријаршија, со што презеде надлежност над црквата во Украина и почна процес со која ќе и се даде независност од Руската православна црква (РПЦ). По ваквото решение, Светиот синод на РПЦ донесе одлука за целосен прекин на евхаристичката комуникација со Цариградската патријаршија.
Молдавскиот претседател нагласи дека Молдавија била и ќе остане канонска територија на Московската патријаршија.
– Ние ќе и останеме верни на нашата единствена црква – истакна Додон.
Според него, бидејќи Молдавија е во „срцето на православниот свет“, таа би можела да биде домаќин на Сеправославниот собир, што тој го предлага.