Сакам да ширам убавина бидејќи светот што нѐ опкружува сѐ помалку ја има, вели Кардула

Изложба на Зоран Кардула во Тирана

Во Македонскиот културно-информативен центар во Тирана е отворена изложбата на дела од македонскиот уметник Зоран Кардула.
Ова е прва изложба на Кардула во Тирана што ќе понуди 13 дела од овој уметник, графички дизајнер и сликар, предводник на генерацијата уметници чии дела се секогаш актуелни во времето.

– Соработката со центарот, односно со Златко Ориѓански, започна со отворањето на центарот. Учествував во уредувањето на центарот, како и еден хуманитарен проект во организација на Златко, во кој тој подаруваше цедеа со азбуката за децата од Пустец, а јас помогнав околу дизајнот. Така што уште со самиот почеток на работата на центарот дојде и поканата да направам изложба. Коронавирусот и рестрикциите малку ја забавија реализацијата, но на крајот успешно се реализира – вели Кардула.
Додава дека ова е негово прво патување во Албанија, кое позитивно го изненадило.
– Многу мои пријатели имаа убави импресии од оваа наша соседна земја и, еве, и самиот се уверив дека биле во право. Изложбата помина одлично, многу гости од дипломатскиот кор, уметници од Албанија, како и наши сограѓани, кои живеат и работат таму. Нивните импресии беа многу позитивни и верувам дека уживаа во делата и атмосферата – додава Кардула.

Изложените дела се настанати последнава година. Тоа се дигитални илустрации печатени на свилена хартија, како и сите негови дела на темата „Жените и понекој маж“, како што и се вика изложбата.

– Изложбата е составена од 13 дела, бидејќи толку дозволуваше просторот. Откако поради здравствени причини на мојата помала ќерка престанав да користам маслени бои и терпентин, почнав да ја работам оваа техника. Имав потреба да творам, почнав со туш да цртам жени, а потоа дигитално да ги бојам. Така и настана овој серијал и сфатив дека го пронајдов мојот стил и така продолжив со работа. Годинава се обидов и ликовите да ги цртам дигитално и излезе дека овој експеримент одлично се вклопува во таа цела естетика – сподели Кардула.

Жените најсилно го поттикнуваат неговото творештво.
– Всушност се работи за два лика што се слични во физиономија, но со игра на изгледот и заднината добивам карактери што потсетуваат на периодот од 20-тите години од минатиот век, па сѐ до ликот на модерна жена. Ликовите се силни, моќни жени со свој став, кои знаат за што се борат, а во исто време делуваат и модерно. Концептот ми е секоја жена да се пронајде во некој од ликовите. Естетиката им е заедничка, односно нивните ликови се издолжени дури и со неправилни црти, но како целина изгледаат елегантно и убаво – дополнува тој
Инспирација црпел од секаде.

– Инспирацијата е секаде околу нас, од филм музика, реклами, дела на познати уметници. Тука би го потенцирал влијанието на Тамара де Лемпицка, чии дела ги обожавам и ми се постојана инспирација. Овие дела ја потенцираат убавината на жената и покрај несовршеноста на цртите. Ликовите зрачат со убавина, моќ, елеганција и публиката го препозна тоа уште од првиот момент кога ги постирав првите дела во 2014 година, а кои настанаа неколку години порано. Тоа ме поттикна да продолжам со овој стил – посочува Кардула.

Сликите се насликани со љубов и навистина ме исполнува со радост кога гледам како публиката ужива во нив. Сакам да ширам убавина бидејќи светот што нѐ опкружува сѐ помалку ја има, завршува тој.

Изложбата ќе биде отворена во следните неколку месеци.
Зоран Кардула се занимава со графички дизајн над 20 години. Учествувал на различни конкурси, има учествувано на повеќе изложби.