Украинскиот бенд „Калуш оркестра“ со песната „Stefania“ ги оствари прогнозите победувајќи на 66-то издание на престижното музичко натпреварување „Песна на Евровизија“ што се одржа во Торино, Италија. Фолк-рап бендот славеше благодарение на најголемиот број на гласови од публиката, што се очекуваше, со оглед на најавената поддршка за Украина која е зафатена од војна.
„Калуш оркестра“ и по вечерашниот настап упати апел за помош на Украина. Во разговор за „Би-би-си“ пред полуфиналето, членот на бендот Псиук, истакна дека победата би испратила порака за поддршка на украинските жители погодени од војна, проценувајќи дека 12 милиони луѓе досега избегале од Украина.
Велика Британија заврши како второпласирана пред Шпанија, додека од државите во регионот најдобар пласман оствари Србија на петтото место, а Грција беше осмопласирана.
Шпанија доби максимални 12 поени од македонската жири-комисија, Србија 10, а Велика Британија осум.
Меѓу песните во финалето преовладуваа балади, додека впечатливи сценски настапи имаа Шпанија, Србија и Норвешка.
Ревијален настап во Торино имаше и ланскиот победник „Манескин“, претставувајќи го новиот сингл „Supermodel“.
Македонската претставничка Андреа Коевска со песната „Circles“ не успеа да обезбеди пласман во финалето на овогодинешното издание на „Евровизија“.