ФУДБАЛ

Новиот првак ќе одигра 15 или 17 меча?

Идниот европски првак ќе одигра најмалку 15, а можеби и 17 меча за да ја освои титулата во Лигата на шампионите (ЛШ), од сезоната 2024/2025. По осумте меча во лигашката фаза следуваат по два меча во осминафиналето, четврт-финалето и во полуфиналето и еден во финалето. Два меча повеќе би одиграл идниот првак ако нокаут-фазата ја почне од прелиминарните дуели за пласман во осминафиналето. Секако, ако екипата сезоната ја почнала во квалификациите, тогаш новиот континентален шампион ќе одигра и повеќе натпревари во текот на сезоната за освојување на трофејот. Ако, пак, се воведе фајналфор, тогаш за титулата ќе бидат потребни 14 или 16 меча. Според актуелниот систем на натпревари, европскиот првак до трофејот доаѓа по 13 средби и повеќе ако играл и во квалификациите.


Во главната фаза на европските купови ќе настапат 108 тима

Слични промени во форматот како во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ) ќе има и во Лига Европа (ЛЕ), со по осум натпревари за секој тим во лигашката фаза, како и во Лигата на конференции (ЛК), со по шест натпревари пред осминафиналето. Во главната фаза во сите три европски клупски натпреварувања ќе учествуваат по 36 екипи, вкупно 108 (до лани играа по 80 тима, а сезонава настапија вкупно 96).


ВО ЛАНСКАТА СЕЗОНА

Првпат по 2012 година, Ла лига забележа загуби

Поради пандемијата на ковид-19, празните стадиони и намалените приходи од натпреварите, шпанската фудбалска Ла лига забележала загуби од 892 милиони евра во сезоната 2020/2021. Барселона има удел во повеќе од половина од тие загуби, односно 56 отсто, објави шпанската лига, пренесува агенцијата „Франс прес“, АФП. Помалите трансфер-активности, згуснатите телевизиски распореди и падот на комерцијалните приходи, исто така, имале значително влијание, соопшти лигата.
Клубовите од Ла лига оствариле вкупни приходи од 3,818 милијарди евра во сезоната 2020/2021, што е намалување од 24,1 отсто во однос на сезоната 2019/2020, која, исто така, беше погодена од ковид-19, но само неколку месеци. Приходите од натпреварите и од продажбата на фудбалери се намалени за 53, односно за 52 отсто во сезоната 2020/2021. Првпат по 2012 година, Ла лига забележа загуби, но очекувањата се дека целосно ќе закрепне во следните две сезони.