Со 61 глас „за“, 39 „против“ и без „воздржани“ Собранието вечерва го усвои дневниот ред на 71. седница, постапка што почна од вчера од кога и стартуваше активната блокада на пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Гласањето за дневниот ред се одвиваше во тензична атмосфера, а процедурата ја оспорија пратениците од ВМРО-ДПМНЕ кои во тек на објавата за гласање се собраа околу претседателот на Собранието Талат Џафери истакнувајќи транспаренти.
Дневниот ред, како што рече Џафери, е усвоен со измени и дополнувања.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски, регираше на начинот на кој Џафери ја води седницата и на процедурите и обвини дека се гласало за дневниот ред без да биде прочитан и поделен.
Откако Џафери ја стартуваше седницата и не беа отворени дебати за првите точки од дневниот ред поради отсуство на претставници на предлагачите, на предлог на Џафери беше изгласано да се работи по точка 13-Предлог-закон за изменување на Законот за финансиските друштва.
По реакциите и барањата да се достави изменетиот дневен ред седницата беше прекината, а нејзино продолжение Џафери најави за утре напладне.