Ако учествувате во ЛШ, вашиот коефициент станува сѐ поголем и поголем и „продавницата се затвора“. Сметам дека тоа не треба да биде вистинскиот услов за учество во европските натпреварувања. Би требало да биде поотворен за другите лиги и клубови, и затоа националните натпреварувања треба да се најважната работа, вели Аксел Хелман, првиот човек на Ајнтрахт

ФУДБАЛ

Европската фудбалска унија (УЕФА) предлага зголемување на бројот на натпревари во Лигата на шампионите (ЛШ), а конечната одлука околу реконструкцијата на ЛШ се очекува да биде донесена на 10 мај, на состанокот на Извршниот комитет на УЕФА во Виена, пишува „Дојче веле“. На маса треба да биде ставен предлогот за зголемување на бројот на тимови од 32 на 36, со нов изглед на групната фаза, во која секој тим ќе игра по 10, наместо по шест меча во формат на една лига. Најконтроверзно во планот е „вајлд-картата“, според која одредени клубови [to традиционално учествуваат во ЛШ ќе се пласираат во групната фаза врз основа на перформансите во изминатите пет сезони, дури и ако не успеале да се квалификуваат преку домашната лига. Тоа е втора шанса за најбогатите европски клубови, сепак, да играат во ЛШ иако имале лоша сезона.
По нешто повеќе од една година од најавата за суперлига, која неславно пропадна, многумина на новите планови на УЕФА, кои би стапиле во сила од сезоната 2024/2025, гледаат како на нешто слично на суперлига. Чувството е дека УЕФА смислила формат за да ги смири најбогатите клубови и да создаде картел, со што се продлабочува јазот помеѓу богатите и сиромашните клубови во европскиот фудбал, пишува „Дојче веле“.

ОТВОРЕНОСТ

Група клубови од среден ранг се против предлозите за поделба, со кои, исто така, и победници во домашните куп-натпреварувања би добиле место во новата ЛШ, но само ако имаат историја на успеси во Европа. Ајнтрахт Франкфурт, полуфиналистот во Лига Европа (ЛЕ), вторпат во претходните четири сезони е меѓу оние што се борат со УЕФА.
– Ако учествувате во Лигата на шампионите, вашиот коефициент станува сѐ поголем и поголем и „продавницата се затвора“. Сметам дека тоа не треба да биде вистинскиот услов за учество во европските натпреварувања. Би требало да биде поотворен за другите лиги и за другите клубови, и затоа националните натпреварувања треба да се најважната работа – вели Аксел Хелман, првиот човек на Ајнтрахт, за „Асошиејтед прес“, пренесе „Дојче веле“.
Хелман се залага за зачувување на патеката според која, барем теоретски, на секој тим ќе му се овозможи од најниското да се искачи на највисоките нивоа на европскиот клупски фудбал.
– Алтернативата ќе биде јасна. Ако не го направиме тоа до одреден степен, ќе изградиме сопствено чудовиште. Клубовите во Лигата на шампионите ќе генерираат сѐ повеќе и повеќе пари и еден ден ќе се обидат да создадат суперлига, бидејќи тоа ќе биде единствената можност да ги задоволат своите финансиски потреби. Тоа е нешто што треба да го избегнеме. Тоа е причината зошто, заедно со некои други, сум за зајакнување на интересите на европските клубови од средната класа – вели Хелман.

РАЗНОВИДНОСТ, НЕПРЕДВИДЛИВОСТ

Вест хем, исто така, се вбројува во фудбалската „средна класа“ во Европа. Лондонскиот клуб е во првото европско полуфинале по 1976 година, случајно, одново против Ајнтрахт. Нивниот менаџер, Дејвид Мојс, е меѓу оние што ги критикуваа предлозите, потсетувајќи ја УЕФА дека разновидноста и непредвидливоста се крвотокот на фудбалот.
– Ако зборуваме искрено за клуб што се вратил во Европа, мора да се каже дека ние сме новите момчиња. Се обложувам дека УЕФА не очекуваше Вест хем да биде на оваа позиција. Но токму затоа треба да продолжиме да ја охрабруваме УЕФА за да има и други тимови во ваква позиција – рече Мојс.
Навивачки групи, исто така, се огласија. Здружението на англиските фудбалски навивачи ја обвини УЕФА дека се обидела скришум да воведе суперлига, пишува „Дојче веле“.
– Ние сме обединети во спротивставувањето на предлозите за реформи во Лигата на шампионите, кои се обид за враќање на дискредитираната идеја за европска суперлига. Минатата година навивачите се обединија и го предизвикаа колапсот на суперлигата. Затоа, со вознемиреност се соочуваме со изгледите за промени во Лигата на шампионите, што ќе значи дека ќе се играат уште повеќе натпревари и ќе има влез за некои клубови врз основа на историскиот петгодишен „клупски коефициент на УЕФА“. Со новите измени само ќе се зголеми јазот меѓу богатите и другите клубови. Тоа ќе биде на штета на календарите на домашните лиги, со очекување навивачите да издвојуваат уште повеќе време и пари за да присуствуваат на бесмислените групни натпревари – истакнуваа навивачките групации.