Фото: Игор Бансколиев

Албанија

Само во последните шест години, периодот 2016/2021 година, 53.000 млади ја напуштиле Албанија, а главната причина што ги принудува да ја изберат емиграцијата се економските услови. Статистката потврдува дека само минатата година земјата ја напуштиле 15.524 млади на возраст од 20 до 24 години.
„Од 2014 година произлегува дека единствената година кога Албанија забележала зголемување на бројот на млади луѓе што избрале да останат во својата земја е 2015 година. Ова е најоптимистичкиот период за земјата, бидејќи оваа возрасна група е зголемена за околу 40 илјади лица“, пренесува албанската телевизија Ора њуз.
Но, констатира телевизијата, потоа статистиката е драматична. Почнувајќи од 2016 година, па сѐ до лани заминале вкупно 53.515 млади луѓе. Само во 2020, годината на рестрикции поради ковид-19, земјата ја напуштиле 7.600 млади.
„Поради заминувањето на младите просечната возраст на населението е во постојан раст. Ако во 2015 година таа изнесувала 35 години, денес таа е 38,2 години. Масовното заминување на највиталниот дел од општеството може да има сериозни последици за економијата поради губењето на човечкиот капитал“, заклучува Ора њуз.