Жаир Болсонаро (63), кој стана познат како „бразилскиот Трамп“ поради екстремните сфаќања, нема намера да ја смени острата реторика, откако освои најмногу гласови во првиот круг на претседателските избори во Бразил, пренесува британски „Индепендент“. Поранешниот армиски капетан освои 46 отсто од гласовите, пред Фернандо Хадад за кого гласаа 29,3 отсто од Бразилците, со што тие ќе се соочат во вториот круг на 28 октомври.
Болсонаро стекна популарност со ветувањата оти ќе ги затвори корумпираните политичари, односно дека ќе и овозможи на полицијата овластувања за да може да ги застрела дилерите на дрога. Но, многумина Бразилци се згрозени од неговите навредливи изјави насочени кон жените, мигрантите, хомосексуалците и црномурестите луѓе.
„Тие не прават ништо. Тие не се добри ниту за размножување“ кажа Болсонаро за населбата основана од потомците на робовите. Тој ги нарече црните активисти „животни“, порачувајќи им да „се вратат во Зоолошка градина“.
Претседателскиот кандидат во расправија со конгресменката Мариа до Росарио во 2014 година, и кажа дека „не би ја силувал, бидејќи таа не го заслужува тоа“. Болсонаро подоцна појасни оти не би ја силувал политичката противничка бидејќи е „грда“ и „не е негов тип“.
Во интервју за магазинот „Плејбој“ во 2011 година, Болсонаро објасни дека не би можел да го сака синот доколку е хомосексуалец, изјавувајќи „би претпочитал синот да загине во несреќа, отколку да се појави заедно со човек со мустаќи“.
Болсонаро се изјасни и во полза на воената диктатура која беше на власт во Бразил во периодот помеѓу 1964 и 1985 година.
– Диктатурата направи грешка бидејќи мачеше, но не убиваше – кажа Болсонаро во радио-интервју во 2016 година.
Болсонаро беше уапсен додека бил армиски капетан во 1986 година, поради јавно изразување на поддршка за новинарски напис што ги критикува платите во војската. Тој потоа ја напуштил армијата за да влезе во политиката, по што доби место во бразилскиот конгрес во 1990 година.
Неговата кампања на претседателските избори се заснова на спроведување на законот. Популарноста на Болсонаро порасна за 15 проценти откако беше избоден со нож, на митинг на 6 септември.