Македонија останува на португалскиот предлог за решавање на спорот со Бугарија, изјави министерот за надворешни работи, Бујар Османи по средбата со бугарскиот премиер Кирил Петков кој денеска ја предводеше бугарската делегација на отворањето на клубот на културниот центар „Ванчо Михајлов“.
– Сметаме дека португалскиот предлог треба да биде основа за решение – рече Османи додавајќи дека вчерашниот коментар на бугарското МНР се однесувал на одговорите на т.н. пакет 5+1.
Според Османи, честите средби би можеле да ја подобрат динамиката на преговорите и покрај разликите.
Петков претходно денеска изјави дека бугарската заедница во Македонија треба да биде мост меѓу двете држави и дека европската иднина на Македонија е од големо значење за безбедноста на Балканот.
Петков не одговори дали ќе дозволи Македонците во Бугарија да отворат свој клуб, но затоа пак, бугарската потпретседателка Илијана Јотова рече: „Кои се тие Македонци во Бугарија, дајте ми пример“.
Јотова беше децидна дека прво треба да се решат правата на Бугарите во Македонија за земјата да стане дел од Европската Унија. Истото го изјави и бугарската министерка за надворешени работи Теодора Генчовска која на прашање дали до јуни Бугарија ќе го дигне ветото за Македонија, рече дека потребно е да бидат исполнети сите услови за тоа.
Таа образложи дека нејзините позиции не се разликуваат со оние на премиерот Петков, туку со неговите советници за надворешна политика.
Бугарската делегација беше дочекана со мирни протести на Широк сокак и силно полициско обезбедување.
На отворањето на културниот центар немаше претставник од македонската Влада.