Kраткиот игран филм „Екоскоп“ на еминентниот македонски сликар и филмски автор Коле Манев ја имаше својата премиера во Кинотеката. Петнаесетминутната сторија по сценарио на Манев, со актерот Александар Шехтански како протагонист, нѐ воведува во светот на собирачот на картонски отпад.
Секојдневието, дневниот ритам на овој собирач, авторот на филмот го доживува како мултиуметничко дело, како колаж од слики раздвижени од звуците на окарината на Драган Даутовски, кој е автор на музиката. Камерата во филмот е исто на Манев, а монтажата на Горан Цветковиќ.
Коле Манев (1941) поголемиот свој работен век го има поминато како слободен уметник и спаѓа меѓу најеминентните македонски сликари, но е и долгогодишен телевизиски и филмски автор на проекти во Радио-телевизија Скопје и „Вардар филм“, како режисер, сценарист и автор на документарните „Баскарските извори“ (1972), „Тулгеш“ (1977) и „Црно во црно“ (1986), на телевизискиот долгометражен филм „Мост“ (2006) и други. Студирал на Ликовната академија во Белград, усовршувал сликарски техники во Париз и анимиран филм во Прага. Во 2006 година беше претседател на ДЛУМ и е автор на голем број текстови и колумни поврзани со културните политики и општествени случувања.
Минатата, 2021 година на Манев му беше врачено признанието „Златен објектив“, кое Кинотеката им го доделува на филмски работници што преку својот професионален ангажман придонеле за создавањето, развојот, промовирањето и популаризацијата на македонската кинематографија.