На Мундијалот годинава во групната фаза ќе има и меѓусебни мечеви на соиграчи, на четворица големи стрелци, на плејмејкери…
Ждрепката за составот на групите за Светското првенство (СП) во Катар одлучи во првата, групна фаза, едни против други да играат суперѕвезди или клупски соиграчи, пишува Светската фудбалска федерација (ФИФА) на својата интернет-страница. Во продолжение дел од тие потенцијални дуели.
Белгија против Хрватска е еден од најпосакуваните натпревари во групната фаза, поради дуелот помеѓу мајсторите од средниот ред, Кевин де Брујне и Лука Модриќ, кои беа меѓу најдобрите играчи на минатото СП, кога Хрватска беше втора, а Белгија трета.
Соиграчите во Ливерпул од 2018 година, Сенегалецот Садио Мане и холандскиот дефанзивец Вирџил ван Дајк, ќе бидат жестоки ривали во Катар во обидите да им помогнат на своите селекции да се пласираат во осминафиналето. Во минатите четири години тие заедно ги освоија клупското Светско првенство (СП), Лигата на шампионите (ЛШ), Суперкупот на УЕФА, Премиер-лигата и Лига-купот.
Еден од најдобрите стрелци на сите времиња, Кристијано Роналдо, со Португалија ќе игра против првиот стрелец на Уругвај на сите времиња, Луис Суарез. Мечот меѓу нивните селекции ќе евоцира спомени од минатите мечеви „ел класико“, на кои Роналдо играше за Реал Мадрид, а Суарез за Барселона.
Голманите и одбраните на репрезентациите во групата ги очекува тешка работа, пред сѐ поради двајцата стрелци што се меѓу најдобрите во светот, Аргентинецот Лионел Меси и Полјакот Роберт Левандовски. Лани ФИФА го прогласи Левандовски за најдобар играч на светот, а Меси ја освои „златната топка“. Нивните селекции ќе играат во 3. коло од групната фаза, па може да се случи тој меч да биде решавачки, пишува, меѓу другото, ФИФА.