Од творештвото на писателот за деца Перо Миленкоски (3)
Драги деца, на страниците на „Колибри“, во десетина продолженија, ќе објавиме една многу поучна серија, преку која ќе научите важни нешта за сообраќајот, но на лесен и интересен начин. Тука ќе можете да прочитате песнички на познатиот писател за деца Перо Миленкоски токму на оваа тема.
– Брзиот доброорганизиран сообраќај е насушна потреба на современиот човек. Тоа е голема придобивка за секого од нас. За негово безбедно и непречено одвивање, постојат правила и прописи преточени во закони. Улиците и патиштата се обележени вертикално и хоризонтално, а за редот во сообраќајот се задолжени сообраќајци, секогаш подготвени да им помогнат на возачите и на пешаците. Сообраќајните знаци, пак, се скапоцена помош сѐ да се одвива непречено. Вака организиран, сообраќајот би требало да ни носи само задоволство. Но, за жал, не е секогаш така. Често на патиштата, дури и на пешачките премини, се случуваат сообраќајни незгоди, кои завршуваат со повреди и со тешки последици. Децата како учесници во сообраќајот често се жртви на невнимателни возачи, а поретко и на свое невнимание – вели Перо Миленкоски за она што го поттикнало да ја напише оваа едукативна книга.
За да придонесеме кон сообраќајното воспитување на најмладите, во наредните десет изданија на „Колибри“ ќе објавиме дел од поетската збирка „Детестоп“ на овој автор. Основната порака на неговите стихови гласи: „Внимателно движи се и за себе грижи се“!
Семафор
Улица, автобуси,
брзи коли в лет,
што треба да правиш
да е сѐ во ред?
Свети ли црвеното,
мило дете, стој.
Семафор сум буден,
чувам живот твој.
Кога, потем, жолтото
ми закити лик,
спреми се, но почекај
уште еден миг.
А штом станам зелен,
како в гора лист,
брзај, дете, помини,
патот ти е чист.
Би-би-бип, ту-ту-ту,
имам очи три.
Ако ме почитуваш
посреќен ќе си.
Подарок
Едно дете од шесто
одделение,
со одличен успех и примерно поведение,
ученик е само за пофалби
што знае,
со очи во кои добрината сјае.
Сообраќајните знаци
ги почитува, сака,
па улицата ја минува
безбедно, без мака.
Со велосипедот
внимателно се движи
и за други патници
и за себе се грижи.
За малиот сообраќаец,
за доброто дете,
ѓерданче од петки лично
што си сплете,
утринава сонцето в нежен
изгрев блесна
и птицата запеа
најубава песна.
Ај погоди што е тоа?
Крајпатен стражар
Крај патот стражари, стои,
во разни големини, бои.
На тој што поздрав му праќа
подарок скапоцен му враќа:
му кажува кај се застанува,
што се дозволува,
што се забранува,
каде се престигнува
и како се стигнува
по најкус пат
до село и град….
За авторот
Перо Миленкоски е современ македонски поет за деца и млади. Роден е во селото Слепче, општина Долнени. Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1995 година. Завршил учителска школа „Гоце Делчев“ во Штип и дипломирал на Педагошката академија во Битола, на групата за македонски и српско-хрватски јазик. Работел како наставник и новинар во „Нова Македонија“, при што 23 години во додатокот за најмладите читатели „Колибри“, од кои 13 години како негов уредник. Живее во Скопје.
Ги издал збирките поезија: „Најубав ѓердан“, „Има една земја мила“, „Малиот сообраќаец“, „Детестоп“, „Сонце во око“ и „Сончев дворец“.