Децата од големите групи, на возраст од пет и шест години, од градинката „Рада Поцева“ во Кавадарци, со прекрасно цветно дефиле, почнувајќи од кружниот тек до градскиот плоштад, на најубав начин го најавија доаѓањето на пролетта. По две години пауза, поради пандемијата, во овој период кога ни меѓу децата ни меѓу вработените во оваа детска установа нема заболен од ковид-19, непречено можеше да се организира традиционалниот настан, на кој годинава учествуваа 230 дечиња – сите маскирани во разнобојни пролетни цветови.
Под секој цвет озарени детски очи и насмевка, возбудени и радосни, фатени за раце го играа орото на пролетта, обоено во најубавите бои. Градскиот плоштад во Кавадарци за миг се претвори во цветна градина, составена од разнобојни кругови од разиграни деца, кои ѝ посакаа добредојде на пролетта. Во убавата глетка уживаа сите случајни минувачи, но и многу родители, баби и дедовци и блиски роднини.
За другите групи од градинката „Рада Поцева“ оваа седмица се организира акција на разубавување на дворовите во градинките, со садење украсни цвеќиња, како дел од проектите за одбележување на деновите на екологијата.
Мирјана Мукаетова
Пролетни цвеќиња
Штом снегот полека
се дигнува,
бел цвет срамежливо
намигнува,
кокичето бело прво
се појавува
и пролетта ја најавува.
По него една по една
и качунките расцветуваат,
жолто-црвени и синоцветни,
тревникот го развеселуваат.
Зумбулот син ко небо
мирис наоколу шири,
нарцисот жолт ко сонце
ќе те стопли, ќе те смири.
Божурот темнорозов,
поглед од секого мами,
лалиња разнобојни,
убави се како дами.
Сара сака цвеќе да мириса,
в треви да стапне боса,
да се дружи со цветовите
што пролетта ја носат.
Филип Димкоски
(Од книгата „Заедно да растеме“)