Градоначалникот на Битола,Тони Коњановски и претседателката на Советот, Габриела Илиевска, во понеделникот организираа прием за Оливера Наковска Бикова, која на неодамна одржаното Европско првенство во стрелање со воздушен пиштол во Норвешка, освои златен медал.
Градоначалникот и претседателката на Советот на Битола и честитаа на Наковска Бикова за постигнатиот успех и ја информираа дека од страна на Општина Битола, ќе и бидат доделени финансиски средства во висина од 300.000 денари.
На приемот се разговараше и за можностите за подобрување на инфраструктурните услови во објектите, кои Наковска Бикова ги користи за тренинг и подготовка за големите натпревари.
На средбата, меѓу другото, беше нагласено дека општината Битола и во понатамошниот период, ќе продолжи да биде поддржувач на битолчани кои со своите успеси се европски и светски промотори на Битола.
М.М.